Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Со романскиот „Радио Метроном“ започнува Неделата на франкофонски филм

Со прикажувањето на романскиот филм „Радио Метроном“ (2022), на режисерот Александру Белк, вечерва во Кинотеката на Северна Македонија почнува Неделата на франкофонски филм, во рамките на Месецот на Франкофонијата. 

До 28 март (вторник ) ќе бидат прикажани пет филма. Манифестацијата е во организација на амбасадите на Франција, Романија, Швајцарија, Белгија и  Луксембург, како и на Францускиот институт во Скопје, Романскиот културен институт, Валони-Брисел Интернационал и Кинотеката. 

Неделата на франкофонски филм свечено ќе ја отвори Моника Аксинте, амбасадорка на Романија.

Сторијата на „Радио Метроном“ со Мара Бугарин и Себан Лазаровици во главните улоги, се случува Букурешт, 1972. Ана има 17 години и мечтае за љубов и слобода. Една вечер, ќе замине на забава со пријателите, каде ќе одлучат да напишат писмо до Метроном – музичка емисија која преку Radio Free Europe нелегално се емитува во Романија. Токму тогаш пристигнува тајната полиција на Чаушеску…

Утре (петок, 24 март) на програмата е швајцарскиот филм „Последниот танц“ на Делфин Лерисе (2022), со Франсоа Берлеан и Касеј Моте Клајн.

В сабота на програмата е белгискиот филм „Последното искушение на Белгијците“ на Жак Бикоа (2021), со Алис Дитоа, Вим Вилер и Алекс Визорек, а во понеделник ќе биде прикажан францускиот документарен филм „Деца на татковината“ на Тјери Демезјер и Албан Терле (2022), со Елса ле Петрек, Тјери Демезјер.

Неделата на франкофонски филм завршува во вторник (28 март) со луксембуршкиот анимиран филм „Неверојатната приказна на Фрици“ на Раиф Кукула и Матијас Брин.

Сите проекции ќе се одржат во Кинотеката, со почеток во 20 часот, а филмовите се со превод на македонски јазик.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново