Собранието на Република Северна Македонија на последната седница го усвои Законот за енергетска ефикасност, подготвен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Новата законска рамка, усогласена со европските стандарди, има за цел да обезбеди пониски сметки за граѓаните, почиста животна средина и отворање на нови зелени работни места.
Законот носи суштински исчекор во намалување на потрошувачката на енергија, интеграција на обновливи извори и намалување на емисиите на стакленички гасови. Тој е клучен дел од зелената транзиција и приближувањето кон европските климатски цели.
Клучни новини од Законот за енергетска ефикасност:
- Воведување на европскиот принцип „Енергетска ефикасност на прво место“
- Долгорочна стратегија за реконструкција на станбени, јавни и комерцијални згради
- Задолжителна реконструкција на најмалку 3% од јавните згради годишно
- Соларни колектори при изградба или реконструкција на училишта, градинки и јавни институции
- Финансиска поддршка за инвестиции во соларни панели, геотермални системи и паметни технологии
- Високи стандарди во јавните набавки и дигитална транспарентност
- Вклучување на енергетски сертификати во Катастарот на недвижности и поттик за меѓуопштинска соработка
Со овој закон се воспоставува стабилен систем кој ќе ја зголеми енергетската сигурност, ќе ја забрза интеграцијата на обновливите извори и ќе создаде подобри услови за живот на граѓаните.
Министерството за енергетика останува посветено на целосната реализација на реформите и усогласување со европското законодавство, нагласувајќи дека овој закон е дел од пакетот реформски мерки за модерен, одржлив и конкурентен енергетски сектор.