Агенцијата за заштита на правото на пристап до информации од јавен карактер ѝ даде право на пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, која обвини дека Собранието крие детали за патните трошоци и кириите на избраните претставници. Во објава на Фејсбук, Мојсоска посочи дека генералната секретарка на парламентот, Марина Димовска, пет месеци не ѝ одговорила на пратеничкото барање за увид во поединечните трошоци на колегите.
Иако покренала и лично барање како физичко лице, Мојсоска добила само агрегатен износ на исплатените средства, без детална распределба по пратеник. Согласно решението на Агенцијата, Собранието сега има 15 дена да ѝ ги предаде целосните податоци.
„Ова е таа вмровско-‘скандинавска’ транспарентност“, напиша Мојсоска, додавајќи дека власта добила „референдумска поддршка за промена, а не за демонстрација на моќ“. Случајот повторно го отвори прашањето за отчетноста и јавниот надзор врз трошењето буџетски средства од страна на избраните функционери.