Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе одржи седница на која се очекува да формира Комисија за селекција на кандидати за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Како што стои на календарот на активности на веб-страната на Собранието, седницата е закажана за 12 часот.
Собранието на 5 август го распиша Огласот за нов претседател на Антикорупциска. Како што наведoa тогаш од Собранието, рокот за пријавување ќе трае 10 дена, а понатамошните фази од постапката ќе се спроведат согласно роковите и процедурите утврдени во член 12 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Собранието на 1 август донесе Предлог на одлука за објавување на јавен оглас за избор на претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата откако сега веќе поранешната претседателка на ДКСК Татјана Димитровска поднесе оставка по обвинувањата на Обвинителството за гонење организиран криминал и обвиненијата за две кривични дела и тоа за оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име и го положил тестот за сертификат за државна тајна.