НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Во политика вие сликате слики. На еден начин вие вашиот противник го сликате, а со тоа се обидувате да го нападнете, потоа и да го ослабите.
Имено, вчера се покажа дека не само што Владата на Ковачевски е цврста како армиран бетон, туку таа и се зголемува. Поточно, се зајакнува парламентарното мнозинство така што извесно е дека во Владата ќе се приклучи Алијанса на Таравари. Тоа е добар сигнал на почеток од годината, добро е што сепак има луѓе кои веруваат во Европскиот пат на оваа земја.
Што дополнително би значело кога велиме „Владата е како армиран бетон?“ Па, тоа значи дека Мицкоски и Апасиев не можат да ја рушат, како за почеток. Во изминативе месеци ни се велеше низ медиумските наслови дека оваа влада само што не паднала, ни се говореше во меѓунаслови од текстови дека се работи за слаба влада, ги имавме тие наративи кои можеа да се исчитаат и меѓу редови.
За да падне Владата, потребен е пад на собраниското мнозинство, а гледаме дека тоа зајакнува и се шири; самоволно не се излезе на предвремени парламентарни избори, ако, нели, под претпоставка вие имате крива политичка проценка и тие избори ги изгубите. Тоа, од друга страна гледаме дека нема да се случи, затоа што денешното собраниско мнозинство е цврсто како армиран бетон, дури, постојат одредени поединци во Собранието кои се раштркани по одредени собраниски групации кои, од визура на својот политички интерес, своето политичко опстојување, проценуваат дека многу подобро им е да останат во Собранието до крајот на нивниот мандат, отколку да се рескираат себе со нови предвремени избори.
За вие некого да рушите, морате да имате радикален пад во платите – гледаме и тоа се зајакнува; неподонослив медиумски притисок или притисок на јавноста – и тоа не е нешто особено силно како што гледаме; и постоење на плаузибилна синергија во опозицијата на другата страна – гледаме дека и тоа не функционира. Случајот со градоначалничката на Скопје, некои помали или поголеми фракции во политичките, економските и медиумските играчи на опозицијата. Оттука, без разлика каква е атмосферата во целокупното општество – опозицијата во огромна мера е виновна за таквата состојба која не е реална, туку е индуцирана и конструирана.
Владата на Ковачевски со помали или поголеми потреси, влегува со еден јасен и прецизен план до моментот на распишување на редовни парламентарни избори во 2024 година.
Така што, сметам дека сите афери кои им го припишуваат на Владата на Ковачевски, повеќе им штети на оние гласачи од рабовите и оние гласачи кои помалку или повеќе се неопределени, отколку што им штети на своите симпатизери и гласачи. Во конечноста, без разлика на сѐ, далеку сме од било какво сценарио за пад на Владата на Ковачевски.
Конкурентите на местото на Ковачевски, Мицкоски и Апасиев, во својот политички ангажман имаа една (или неколку противречности): двајцата немаат ништо реално и опипливо сработено во својот живот: двајцата ни доаѓаат од „ученички клупи“. Едниот, Апасиев, го знаеме во политиката дека ни се претставува за некаков „њу ејџ месија“, ама немаме воопшто појма што тој со своите поддржувачи ќе прави. Знае ли тој воопшто нешто да работи од економија, знае ли да донесе инвестиции, знае ли да креира клима во која луѓето ќе можат да се вработат, да живеат и егзистираат. Ние немаме појма за ништо од тоа. Сите сериозни луѓе тој човек го гледаат како апсолутен дилетант во политиката на кого реално никој не би можел да се потпре и да му верува. А каква е таа политика и какви се тие гласачи ако не можат да се потпрат на својот лидер?
Мицкоски, пак, идентично со Апасиев: и неговото делување во политиката е противречно: што е тој човек – лидер, градоначалник, ревизор, претседател на партија? Или можеби е сѐ во едно. На локално ниво изигрува градоначалник, на национално ниво изигрува „премиер во сенка“, во меѓународна политика гледаме дека соработува со најрадикалните и најпромашените политички ликови кои, реално, само срам, скандали и проблеми ѝ носат на земјата.
Така што имаме една многу комплицирана и конфузна опозиција која е поприлично нерелевантен фактор не само за дома, туку е некредибилен фактор и во меѓусоседските односи.
Во целиот политички контекст, добро е што го имаме Ковачевски како еден од најразумните и најрационалните луѓе во македонската политика; тој човек создава перцепција меѓу луѓето на сигурност и извесност. Многу е подобро да се има стабилна Влада и стабилен премиер, отколку неколку исфолирани хипстери кои не можат да разберат најоснови работи: секое подривање на земјата на патот кон Европска унија значи дека свесно или несвено ги убиваш во поим сопствените граѓани.
Ама, на крајот на краиштата, кој сум јас да го анализирам опозициониот феноменолом и нивното самоуништување во политиката?
Извор: фронтлајн.мк