Албанските социјалисти вечерва на плоштадот „Скендербег” во центарот на Тирана ја прославија убедливата победа на неделните парламентарни избори.
Премиерот Еди Рама својот победнички говор го започна со благодарност до сите кои му ја дале довербата за четврти мандат, додавајќи дека Албанците ја избрале Социјалистичката партија за патот кон Европската унија.
-Камен по камен ја градиме европска Албанија, затоа ги собравме гласовите. Албанците избраа меѓу секогаш подобра Албанија и Албанија клеветена со очи поцрнети од ударите на политичката омраза. Помеѓу светлината на ѕвездите на Европа и темнината на дупката во лажната капа, Албанија ги избра ѕвездите, рече меѓу другото Рама во обраќањето.
Ги поздрави партиите од опозиција кои обезбедија пратенички мандати во парламентот и им порача да не одат по стапките на старата опозиција.
Од 140 пратеници колку што брои парламентот Социјалистите имаат 83, опозициската коалиција предводена од Демократите на Сали Бериша 50, Социјалдемократската партија 3, партијата „Можност“ на поранешниот член на ДП, Агрон Шехај два, додека Движењето „Заедно“ на Арлинд Ќори и коалицијата „Иницијатива Албанија станува“ (ИАС) на Адриатик Љапај и Ендрит Шабани по еден мандат.
Во минатиот пратенички состав Социјалистичката партија имаше 74 пратеници, Демократската партија 59, Партијата на слободата 4 и Социјалдемократската партија три.