Учеството на сончевата енергија во производството на електрична енергија во Германија се зголеми на околу 18 проценти, надминувајќи ги лигнитот и природниот гас. Иако имаше рекорден раст на производството од фотоволтаични системи, енергијата на ветерот сè уште останува најголем извор на електрична енергија во земјата.
Сончевата енергија значително го зголеми својот придонес во производството на електрична енергија во Германија во текот на изминатата година, па сега учествува со околу 18 проценти во вкупната потрошувачка, што е зголемување во споредба со 14 проценти во 2024 година, објави Германското здружение на соларна индустрија (BSW).
На овој начин, производството на електрична енергија од фотоволтаични системи ја надмина енергијата добиена од лигнит, кој учествуваше со околу 14 проценти, како и од природен гас, чие учество беше приближно 16 проценти, објавува SEEbiz. Податоците се базираат на анализи од Институтот Фраунхофер за системи за сончева енергија.
И покрај силниот раст на сончевата енергија, ветерот ја задржа својата позиција како доминантен извор на електрична енергија во Германија, со удел од 27 проценти во вкупното производство.
Прелиминарните годишни податоци покажуваат дека повеќе од 5,5 милиони фотоволтаични инсталации произвеле околу 87 терават-часови електрична енергија во текот на годината, што е приближно 15 терават-часови повеќе од претходната година и претставува нов рекорд.
Сепак, BSW предупредува дека, и покрај рекордното производство, темпото на изградба на нови соларни капацитети е забавено.
Во текот на 2025 година, инсталирани се околу 17,5 гигавати нови фотоволтаични капацитети, речиси исто како и претходната година, што не е доволно за да се исполнат законските цели на Германија во областа на обновливите извори на енергија до 2030 година.