Претседателот на СОНК, Јаким Неделков ги повика директорите на институциите да не постапуваат според упатставата на Минисетрство за култура.
„За проблемот, кој произлегува од недореченоста или лошото толкување на Општиот колективен договор со кој платите во јавниот сектор во 2023 година пораснаа за 10 проценти и во 2024 година за 0,7 проценти, потребни се системски промени. Овие 10 проценти во 2023 година установите во дејноста култура ги сметаа на бруто плата така само што додаваа 10 проценти без да се вградат во системот на пресметка на плата. Сега од аспект на минатата 2023 и 2024 година тие 10 проценти само летнаа во воздух и ги нема никаде. Согласно Колективниот договор за култура методологијата за пресметка на плата е многу едноставна – вредноста на минималната плата на национално ниво се множи со соодветен коефициент на сложеност на работно место со додатоци“, рече Неделков.
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура како решение за исплата на платите на вработените во културата предлага зголемување на коефициентите на сложеност по работно место за 10 проценти и дополнително за 0,7 проценти, преку заеднички анекс на Колективниот договор.
Претседателката на Синдикатот на културата, Вера Атанасовска за Телевизија 24 рече дека предлогот на СОНК, за разлика од тој на Министерство за култура, е во согласност со колективните договори и доколку платите се пресметаат на таков начин, вработените во култура ќе ја добијат целосната сума. Според неа, по исплаќањето на мартовските плати, Синдикатот и Министерството ќе седнат на заедничка маса за да најдат решение.
Доколку не се постигне договор со култура, СОНК не ја исклучи и можноста за штрајк. Неделков очекува и средба со министерот за култура Зораан Љутков.
Министерот за култура, Зоран Љутков, во телевизиско гостување вчера, рече дека досега секое исплаќање било незаконско зашто немало согласност од Министерството за финансии за колективен договор и тоа значело дека треба сами да си ги обезбедат средствата од внатре. Љутков додаде дека како резултат на тоа се намалувала продукцијата, немало средства за капитални ни за обични инвестиции.