Сопругот на финалистка за „Мис Швајцарија“ обвинет за монструозно убиство

Швајцарија е потресена од случајот со убиството на 38-годишната Кристина Јоксимовиќ, поранешна финалистка на изборот за „Мис Швајцарија“, чиј сопруг формално е обвинет за нејзина брутална ликвидација и сквернавење на телото. Обвинителството во кантонот Базел-Ланд најави дека против 43-годишниот осомничен, во јавноста идентификуван само како „Томас“, е поднесено обвинение за убиство и нарушување на спокојството на мртво тело, во врска со настан кој се случил во февруари 2024 година во нивниот дом во Бининген, кај Базел.

Според обвинителството, мажот најпрво ја задавил сопругата, а потоа го растурил нејзиното тело, користејќи пила, нож и градинарски ножици. Дел од посмртните останки, како што покажува обдукцијата, биле исечкани и ставени во блендер, а потоа обидувал да ги раствори во хемиски раствор. Нејзината матка била единствениот орган внимателно отстранет од торзото, што експертите го опишуваат како особено вознемирувачки елемент на случајот.

Првично осомничениот им кажал на истражителите дека ја нашол сопругата мртва и веќе осакатена, тврдејќи дека не знае што се случило. Подоцна, во март 2024 година, признал дека ја убил, но се обидел да се брани со тезата за самозаштита, опишувајќи ситуација во која наводно таа го нападнала со нож. Судско-медицинските вештачења, меѓутоа, не нашле докази кои би ја поддржале приказната за самоодбрана и јасно укажуваат на задавување како причина за смртта, наведуваат швајцарските медиуми, повикувајќи се на обвинителниот акт.

Случајот станал уште потресен кога било обелоденето дека таткото на Кристина ги пронашол нејзините останки – забележал руса коса што излегува од црна кеса во пералната просторија во семејниот дом. Полицијата потоа запленила блендер, делови од кожа со мускулно ткиво и коски, како и алатките за сечење опишани во обдукцискиот извештај. Според записниците, осомничениот во текот на растурањето на телото гледал видеа на „Јутјуб“, што дополнително го засилило впечатокот за, како што вели обвинителството, „ладнокрвност и крајно изопачено криминално енергично дејствување“.

Кристина Јоксимовиќ претходно била прогласена за „Мис Северозападна Швајцарија“ и била финалистка на националниот избор за „Мис Швајцарија“ во 2007 година. Подоцна работела како тренер за модно одење и водела свои курсеви, присутна на социјалните мрежи со видеа за подготовка на модели. Со обвинетиот сопруг имала две деца. Локалните медиуми објавуваат дека нивниот брак подолго време бил во криза и дека претходно биле пријавувани случаи на семејно насилство. Точниот датум на почетокот на судскиот процес сè уште не е познат, а обвинетиот, согласно швајцарското право, се смета за невин додека вината не му биде докажана пред суд.

Зачлени се на нашиот е-билтен