Mалите бизниси во Бугарија се подготвуваат за премин кон еврото: Кои се стравувањата?

Од 1 јануари 2026 година, Бугарија официјално ќе премине од левото на еврото, што предизвикува загриженост кај сопствениците на мали бизниси.

Иако економските индикатори изгледаат позитивно, многу претприемачи се плашат од инфлација, пад на куповната моќ и оперативни проблеми за време на транзицискиот период кога обете валути ќе бидат во оптек.

Во јуни, претставниците на Европската унија дадоа зелено светло Бугарија да стане 21-ва членка на Еврозоната, проект насочен кон зајакнување на поврзаноста на земјите-членки. Сепак, малите претприемачи во Бугарија се вознемирени поради промената на националната валута, плашејќи се дека тоа би можело да биде уште една во низата кризи што треба да ги надминат.

Бугарија, со население од 6,4 милиони, планира да го замени левот со еврото на 1 јануари 2026 година, што кај многумина предизвикува загриженост.

Во јужниот бугарски град Хасково, семејството Терзиев управува со продавница за органска храна повеќе од една деценија. Иако веќе поминале низ разни кризи, сега ги чека нова – преминот кон еврото.

Сопственикот на продавницата, Николај Терзиев, вели дека веќе почнал да ги објавува цените во евра, но со голема неизвесност.

„Ниеден трговец не е економист. Она што го слушаме од пријатели од земји кои веќе се префрлиле на еврото нè загрижува. Велат дека економските индикатори растат, но луѓето стануваат осиромашени. А големите компании заработуваат повеќе пари“, објаснува Терзиев.

Цените растат, а куповната моќ останува ниска

Бугарија е специфична по тоа што го врза левотот за еврото во 1999 година, пред да се приклучи на ЕУ во 2007 година. Исто така, има многу ниско ниво на јавен долг – само 24,1% од БДП, што е далеку под критериумот на Еврозоната од 60%.

Последниот чекор кон еврото беше да се намали инфлацијата под референтната граница од 2,8% – или најмногу 1,5% над просечната инфлација на трите земји со најниска инфлација во еврозоната.

Сепак, во последниот месец е забележано зголемување на цените на добавувачите, што дополнително предизвикува страв од банкрот.

„За нас, еврото само по себе не е проблем. Проблемот се причините поради кои цените растат. Едноставно, кога сè ќе стане поскапо и луѓето немаат пари, луѓето купуваат помалку, а ние продаваме помалку“, вели Терзиев.

Најголемиот предизвик се очекува во јануари 2026 година, кога и еврото и левотот ќе бидат во оптек еден месец.

„Веќе знаеме дека почетокот на јануари ќе биде хаотичен. Ќе мора да го вратиме кусурот во евра, да броиме во евро центи. Ќе мора постојано да одиме во банка за да менуваме левови за евра. Ќе работиме и ќе менуваме пари во исто време. Физички, не знам како ќе го издржиме тоа“, објаснува Терзиев за Euronews Bulgaria.

Мислењата на граѓаните се поделени

Сепак, не сите клиенти на Терзиев се загрижени за преминот кон еврото.

Најновото истражување на Евробарометар покажува дека 50% од Бугарите се против, додека 43% ја поддржуваат транзицијата.

Меѓу причините за противење, најчесто се наведуваат стравот од инфлација, недовербата во институциите – со оглед на тоа што земјата имаше седум влади за четири години, како и дезинформациите што циркулираат на социјалните мрежи. Во Хасково, многу граѓани сè уште не размислуваат за размена на пари.

„Немам што да менувам“, вели еден клиент.

„Апсурдно е. Избирам да останам оптимист и се надевам дека нема да има потреба“, додава друг.

Од друга страна, има и такви кои имаат доверба во процесот.

„Многу сум среќна што Бугарија преминува на еврото. Се надевам дека тоа ќе ѝ помогне на нашата економија. Не сум загрижена“, вели Моника Бојуклиева.

„Не мислам дека еврото предизвикува инфлација, тоа се други фактори. Се надевам дека сè ќе помине непречено и дека нема да има драстично зголемување на цените“, додава таа.

Што е следно?

Европскиот парламент официјално го одобри влезот на Бугарија во Еврозоната минатиот месец. Од 8 август, сите цени во продавниците ќе мора да бидат изразени и во лева и во евра. Сите банки ќе бидат обврзани бесплатно да менуваат лева во евра до крајот на 2026 година.

Бугарската народна банка, без временско ограничување, ќе менува банкноти и монети од лева во евра, пренесува euronews.com

Зачлени се на нашиот е-билтен