Сослушувањето на д-р Кејси Минс за главен здравствен инспектор одложено поради породување

Само неколку часа пред да се појави на сослушувањето преку видеоврска, Минс, која го очекуваше своето прво дете, влегла во породилна сала

Сослушувањето во американскиот Сенат на предложената од претседателот Доналд Трамп за главен државен здравствен инспектор, д-р Кејси Минс, е одложено затоа што таа се породила, се посочува во соопштение од здравствената комисија на Сенатот.

Само неколку часа пред да се појави на сослушувањето преку видеоврска, 38-годишната Минс, која го очекуваше своето прво дете, влегла во родилна сала. Нов датум за сослушување засега не е закажан.

„Сите се радуваме за д-р Минс и нејзиното семејство“, изјави заменичката портпаролка на Министерството за здравство Емили Хилијард, додавајќи дека ова е „редок, но разбирлив случај кога е оправдано барање за одложување“.

Минс, дипломирана на Универзитетот Стенфорд, се прослави како инфлуенсерка и претприемачка во областа на здравиот начин на живот, откако се разочарала од традиционалната медицина. Таа застапува пристап кон третирање на хронични заболувања преку решавање на нивните корени, што се совпаѓа со визијата на министерот за здравство Роберт Кенеди Помладиот и неговата кампања „Да ја направиме Америка повторно здрава“.

Иако нема раководно искуство и моментално нема важечка лекарска лиценца, таа е коосновачка на апликацијата „Левелс“ за следење на исхраната, сонот и физичката активност, и има заработено стотици илјади долари рекламирајќи здравствени производи.

Во етичката декларација Минс наведе дека, доколку биде потврдена, ќе се повлече од сите свои деловни ангажмани и ќе ги продаде акциите во „Левелс“, како и дека ќе престане со комерцијална промоција на нејзината книга Good Energy.

Ако ја преземе функцијата, таа ќе раководи со околу 6.000 службеници во Корпусот за јавно здравство на САД и ќе има овластување да издава предупредувања за ризици по јавното здравје. 

Зачлени се на нашиот е-билтен