Совет за етика на универзитетите: ФРО бара забрана на непотизам

Предлог-законот за високо образование влегува во завршната фаза од јавната дебата, а Форумот за образовни промени (ФРО) излезе со сет конкретни барања што, според организацијата, треба да спречат регрес во академскиот систем и да внесат појасни правила за интегритет и заштита на студентите.

Во фокусот на нивните предлози е формирање Совет за етика на секој универзитет, со надворешни членови, кој би постапувал во случаи на плагијаризам и други академски прекршоци. Истовремено, ФРО инсистира во законот јасно да се препознае и спречи сексуалното вознемирување на универзитетите, преку механизми за заштита и пријавување, наместо темата да остане „сива зона“ што се решава ад хок, без стандарди и одговорност.

ФРО бара и Националното студентско тело да добие признавање и институционална поддршка како автономно и легитимно претставничко тело, со обезбедено независно финансирање. Паралелно, бара да остане и постојната одредба од претходниот закон што го забранува непотизмот на факултетите, оценувајќи дека токму ваквите норми се последната бариера пред систем во кој роднинските и клиентелистичките врски го заменуваат квалитетот.

Во делот на академското напредување, ФРО предлага H-индексот да не биде формален услов за напредување во звања, туку индикатор во евалуациите, за да не се претвори во филтер што автоматски исклучува цели области и помали истражувачки средини. Дополнително, бараат да се врати условот за просек 8.00 за напредување во секој циклус, без можност неуспехот од еден циклус да се „покрие“ со друг. Организацијата оценува и дека научното вреднување не треба да се сведува само на Web of Science, туку да се признаваат и трудови индексирани во Scopus, во согласност со меѓународната пракса. Како мерка за поголема транспарентност, предлагаат и седниците на Сенатот да се пренесуваат во живо, со образложение дека таму се носат одлуки што директно влијаат врз квалитетот и насоката на универзитетите.

Во меѓувреме, Министерството за образование и наука организира серија јавни дебати во рамки на таканаречен „карван“ низ институциите. Министерката Весна Јаневска порачува дека условите за напредување не се повисоки од оние во други европски земји, но смета дека треба да се заострат, тврдејќи дека по измените од 2018 година квалитетот на високото образование опаднал. Таа нагласува дека високото образование треба да создава јавно добро и кадар што ќе ја развива државата, а универзитетите да бидат поотчетни за трошењето на средствата и резултатите.

Паралелно, дел од академската заедница изразува загриженост дека новиот закон може да ја наруши универзитетската автономија, особено низ прашањата за можноста извршната власт да одобрува статути и подзаконски акти, како и да влијае врз спојување или раздвојување факултети. Во јавноста се отвора и дилемата дали се намалува студентското учество во одлучувањето, што за дел од професорите и студентите би значело чекор назад. Законот, според најавите, наскоро треба да се најде и на гласање, во услови на засилени дебати за балансот меѓу квалитет, отчетност и автономија.

Зачлени се на нашиот е-билтен