Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Советник на Орбан: Отпорот на Украина против Русија е неодговорен, да не прашаа нас немаше да ги советуваме да се борат

Балаш Орбан го советува Виктор Орбан
Балаш Орбан го советува Виктор Орбан

Отпорот на Украина против Русија е неодговорен, да не прашаа нас немаше да ги советуваме да се борат. Да беше на место на Украина, Унгарија не би се борела против Русите, рекол главниот советник на премиерот Виктор Орбан, Балаш Орбан, политичкиот советник (кој не е во роднинска врска со унгарскиот премиер), на гостување во подкаст за конфликтот во Украина, пишува Еуроњуз.

Балаш Орбан направи споредби помеѓу Унгарското востание од 1956 година и целосната инвазија на Русија на Украина на почетокот на 2022 година, што не и се допадна на опозицијата дома.

„Ако Русија ги втурнеше своите тенкови во Унгарија како во 1956 година, Будимпешта двапати ќе размислеше да се одбрани од инвазијата, за разлика од Киев“, рекол политичкиот советник на унгарскиот премиер, Балаш Орбан.

Балаш Орбан уште рекол дека Унгарија ја научила лекцијата и дека одлуката на украинскиот претседател Володимир Зеленски да и се спротивстави на Москва на почетокот на 2022 година е „неодговорна“.

„Тој ја стави својата земја во дефанзива во војна, толку многу луѓе загинаа, толку многу територија беа изгубени“, објаснувал Балаш Орбан за конзервативниот медиум „Мардинер“.

„Повторувам, тоа е нивно право, тоа е нивна суверена одлука, можеа да го направат тоа, но да нѐ прашаа, немаше да го советуваме затоа што во 56 година се случи тоа што се случи. Затоа што научивме дека мора да бидеме внимателни овде и мора да бидеме внимателни со многу скапоцените унгарски животи“, потенцирал Балаш Орбан.

Тој, исто така, рекол дека верува оти секоја провокација е контрапродуктивна, додавајќи дека 80-90 отсто од унгарскиот народ се согласува со политиката на унгарската влада за руската војна во Украина.

Зборовите на Балаш Орбан предизвикаа низа реакции во Унгарија, што ги натера опозициските политичари да го критикуваат за неговото толкување на Унгарското востание во 1956 година, кое требаше да ја ослободи земјата од Советскиот Сојуз, кој пак го скрши отпорот со тенкови и пушки.

Петер Маѓар, претседател на опозициската партија Тиса, рече дека такво лице не треба да има јавна функција покрај унгарскиот премиер и треба да поднесе оставка пред 23 октомври, националниот ден на комеморацијата на востанието.

„Сосема безобразни реченици, со кои најсветлите 13 дена од унгарската историја на 20 век беа жртвувани на олтарот на гнасната дневна пропагандна комуникација“, рече Маѓар во објавата на Фејсбук.

„Со овие реченици, Балаш Орбан го понижи споменот на илјадници унгарски борци за слобода, од кои стотици – за разлика од Балаш Орбан – беа подготвени да ги жртвуваат своите животи за слободата и независноста на својата земја“, напиша Маѓар.

Пратеникот Ференц Ѓурчани, поранешен премиер на Унгарија и лидер на партијата Демократска коалиција на левиот центар, рече дека изјавата на најблискиот соработник на унгарскиот премиер значи дека владата на Орбан „ќе им ја предаде Унгарија на Русите без отпор“.

Пратеникот и копретседател на унгарската Зелена партија, Петер Унгар, рече дека некој што се смета себеси за претставник на нацијата не може да тврди дека Унгарија нема да се брани од руската воена агресија.

Зачлени се на нашиот е-билтен