Советот на честа при ЗНМ:Новинарите да се придржуваат кон највисоките професионални стандарди 

ЗНМ

Советот на чест при Здружението на новинари излезе со реакција за однесувањето на новинарот Невриј Адеми на прес-конференцијата на министерката Весна Јаневска во Тетово. Соопштението во го пренесуваме во целост.

„Правото на слободно поставување прашања и критичко известување на новинарите е неотуѓиво и суштинско за функционирањето на едно демократско општество, но ова право подразбира и обврска за доследно почитување на професионалните и етичките стандарди, што не беше случај со последниот настан поврзан со однесувањето на новинарот Невриј Адеми на прес конференцијата на министерката за образование и наука Весна Јаневска во Тетово, случај што Советот на честа при ЗНМ внимателно го следеше и кој истиот отвори јавна дебата во медиумскиот простор.

Имајќи ја предвид улогата на новинарите како носители на јавниот интерес и чувари на демократските вредности, Советот потсетува дека ова право подразбира и обврска за доследно почитување на професионалните и етичките стандарди.

Во конкретниот случај, Советот цени дека начинот на комуникација и тонот на обраќање на новинарот не соодветствуваат со принципите на достоинствен и професионален јавен дискурс. Конкретно, членот 15 од Кодексот на новинарите, вели дека новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката, а непримерната комуникација со јавноста е неспојлива со новинарската професија.

Советот на честа нагласува дека ваквите случаи не придонесуваат за унапредување на довербата во медиумите, ниту за квалитетен јавен дијалог. Оттука, упатуваме апел до сите новинари и медиумски работници да се придржуваат кон највисоките професионални стандарди, да ја негуваат културата на комуникација и да придонесуваат кон градење на взаемна почит во јавниот простор.

Воедно, Советот потсетува дека почитта во односите меѓу носителите на јавни функции и медиумите треба да биде двонасочна, при што институциите имаат обврска да обезбедат услови за непречена и професионална работа на новинарите. Во таа насока, советот укажува и дека овој случај не смее да се користи за дневнополитички цели, ниту за создавање дополнителни тензии и погрешни интерпретации во етнички контекст.

Советот на честа ќе продолжи да ги следи ваквите случаи и, согласно своите надлежности, да реагира во насока на заштита и унапредување на етичките стандарди во новинарството.“

Зачлени се на нашиот е-билтен