Советот на јавните обвинители го добил писменото известување од обвинителката Ленче Ристоска, во кое таа реагира на јавни изјави на премиерот Христијан Мицкоски дадени во интервју за порталот „Вечер.мк“. Според наводите што ги наведува Ристоска, изјавите ги доживува како притисок и нарушување на нејзината самостојност во јавнообвинителската работа, со навреди и професионални дисквалификации, по што побарала и јавно извинување и повлекување на спорните квалификации.
Претседателот на Советот, Башким Бесими, потврдил дека известувањето е примено и дека во наредниот период ќе одлучуваат дали има основа за отворање постапка. Доколку се отвори постапка, таа би се водела според Правилникот за обезбедување и гарантирање на самостојноста на јавните обвинители, донесен во ноември минатата година.
Според правилникот, Советот формира комисија од тројца членови која може да прибира податоци и информации за утврдување на околностите, да ја повика обвинителката за дополнително разјаснување, како и да побара од лицето за кое се смета дека ја нарушило самостојноста на јавниот обвинител да се произнесе писмено или усно. По утврдување на состојбата, Советот може да донесе заклучок дали постои нарушување на самостојноста во извршувањето на обвинителската функција, а доколку се утврди надворешно нарушување, заклучокот се објавува јавно и може да се достави со препораки до надлежни институции ако станува збор за носител на јавна функција.
Од Владата, пак, во изјава за медиуми посочиле дека премиерот во интервјуто не ја спомнал Ристоска со име и презиме и дека е „чудно“ како таа се препознала во неговите зборови.