Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Советот за безбедност на ОН ја одржа првата седница за вештачка интелигенција

Советот за безбедност на ОН ја одржа својата прва седница за вештачка интелигенција (ВИ), откако Велика Британија повика на меѓународен дијалог за нејзино влијание врз глобалниот мир и безбедност.

Кинескиот претставник на седницата рече дека технологијата не смее да стане „меч со две сечила“, додека американските власти предупредија на можноста за користење на вештачката интелигенција како средство за цензура и репресија.

Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли, кој претседаваше со состанокот додека Британија претседава со Советот за безбедност на ОН во јули, рече дека вештачката интелигенција „од темел ќе го промени секој аспект од човечкиот живот“.

– Итно треба да го обликуваме глобалното управување со вештачката интелигенција бидејќи вештачката интелигенција не познава граници, истакна Клеверли откако рече дека вештачката интелигенција може да помогне во справувањето со климатските промени и да ги зајакне економиите. Но, тој исто така предупреди дека технологијата поттикнува дезинформации и може да им помогне на државните и недржавните актери во потрагата по оружје.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ко-основачот на стартапот за вештачка интелигенција „Антропик“ Џек Кларк, како и професорот Зенг Џи од Кинеско-британскиот истражувачки центар за етика и управување со вештачка интелигенција исто така се обратија пред петнаесетчлениот Совет за безбедност.

Гутереш оцени дека и воената и цивилната употреба на вештачката интелигенција може да има сериозни последици за глобалниот мир и безбедност.

Тој ги поддржа предлозите на одредени земји за формирање ново тело во рамките на ОН кое ќе се занимава со управување со вештачката интелигенција.

Кинескиот амбасадор во ОН Жанг Џун ја опиша вештачката интелигенција како „меч со две сечила“, додавајќи дека Пекинг верува дека ОН треба да играат централна улога во координирањето на вештачката интелигенција и воспоставувањето на принципите на управување со технологијата.

Заменик-амбасадорот на САД во ОН Џефри Делаурентис, исто така, ја истакна потребата од заеднички пристап до вештачката интелигенција и другите напредни технологии во развој за да се спречат ризиците за човековите права кои се закануваат да ги поткопаат мирот и безбедноста.

– Ниту една земја-членка не треба да користи вештачка интелигенција за цензурирање, ограничување и репресија на луѓето, рече Делаурентис.

Русија го постави прашањето дали Советот, кој е одговорен за одржување на меѓународниот мир и безбедност, треба да разговара за вештачката интелигенција.

– Ова прашање бара експертска дискусија која може да потрае со години, а оваа дискусија веќе се води на специјализирани платформи, рече заменикот на рускиот амбасадор во ОН Дмитриј Полјански.

Зачлени се на нашиот е-билтен