Кога лидерот на хрватските социјалдемократи Синиша Хајдаш Дончиќ од Скопје порача дека „нема подобра асоцијација од ЕУ за народи како македонскиот и хрватскиот“, тоа не беше само куртоазна партиска реченица на заедничка прес-конференција со Венко Филипче.
Дончиќ зборуваше за Европа како заедница што ги зближува државите, но и како рамка преку која депопулациските региони можат да добијат развојни проекти и финансиска поддршка. Во неговата порака ЕУ не беше претставена како апстрактен политички клуб, туку како простор на мир, хумани идеи и конкретна можност за локален развој и поврзување меѓу општините во Македонија и Хрватска.
Токму затоа таа изјава добива поголема тежина ако се стави покрај пораката што само неколку дена претходно ја испрати хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
Во Загреб тој ѝ порача на Македонија дека членството во ЕУ е „декорација“, а државата е најголемото што еден народ може да го има. Во превод, на земја што две децении чека отворање и придвижување на европскиот пат ѝ беше понудена политичка утеха: дека и без влез во Унијата може да се живее со зачувано достоинство. Таа порака во македонската јавност беше прочитана како цинична, особено затоа што доаѓа од држава што одамна ги ужива сите придобивки од истата таа Унија.
Но ако се тргне Милановиќ настрана и ако се гледа пошироко што зборува Загреб во последниве недели, тогаш се добива поинаква слика. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ порача дека Македонија заслужува јасна европска перспектива и дека Хрватска ќе продолжи да ја поддржува на патот кон членството.
Неколку недели претходно, министерот за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман во Скопје изјави дека Македонија е подготвена и дека заслужува брз влез во ЕУ. Дончиќ сега само ја заокружи таа линија од поинаков, опозициски и социјалдемократски агол. Со тоа, од Хрватска во краток период доаѓаат три различни, но суштински усогласени проевропски пораки и една, милановиќевска, која релативизира.
Тука и се отвора клучната политичка разлика. Милановиќ ѝ зборува на Македонија од позиција на држава што веќе ја мина европската порта, влезе во ЕУ во 2013 година, а потоа доби и евро и Шенген. Од таа сигурна позиција, лесно е да се каже дека членството е само украс.
Но современата хрватска држава, гледана преку владата, дипломатијата и сега и преку дел од опозицијата, не ја испраќа таа порака. Напротив, таа ѝ кажува на Македонија дека местото ѝ е внатре, а не пред вратата. Оттука и впечатокот дека Загреб денес не зборува со еден глас за Европа, туку со две различни политички интонации: едната е скептична и иронична, другата е јасно интеграциска.
Во тој контекст, пораката на Дончиќ е важна и поради уште една причина. Тој не ја сведе ЕУ само на геополитика, туку ја врза со прашања што директно ја тангираат Македонија: празнење на регионите, локален развој, поврзување на општините и пристап до европски средства.
Тоа е поинаква, поприземна европска порака од онаа што со години Македонија ја слуша од Брисел низ услови, блокади и формулации. Наместо Европа како бескрајна чекална, Дончиќ понуди Европа како алатка за преживување и развој на заедниците што се празнат и во Македонија и во Хрватска. Токму затоа неговата изјава одекна посилно отколку што на прв поглед изгледа.
И затоа тезата дека „современа Хрватска ѝ вели на Македонија – ЕУ е вашиот дом“ денес е попрецизна од циничната утеха дека државата е доволна сама по себе.
Милановиќ може да нуди политичка провокација и евроскептична дистанца, но официјална Хрватска во последниот месец трипати повтори дека Македонија заслужува перспектива, поддршка и побрз напредок. Ако се читаат тие пораки заедно, тогаш од Загреб не стигнува порака да се навикнеме на чекалната, туку порака дека и покрај сè, македонското место е на европската маса, а не пред нејзиниот праг.