Современата македонска книжевност се претставува на најголемиот светски книжевен саем, Саемот на книгата во Франкфурт, кој се одржува од 15 до 19 октомври.
Креативниот концепт на овогодишното претставување се потпира врз мотото „Читај во 7/8. Приказни со единствен ритам.“, кој ја поврзуваа непредвидливата оригиналност на нашите современи автори со нерамноделниот и изненадувачки 7/8 такт, карактеристичен за македонската музика.
Македонскиот штанд се наоѓа во меѓународната 4.1 хала, а организацијата на претставувањето на современата македонска книжевност е на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ). За потребите на претставувањето МАИ изработи два каталога – каталог на современа книжевност за возрасни и каталог на книжевност за деца, при што се претставени околу 70 автори и 20-тина илустратори. На штандот се изложени голем дел од застапените дела во каталозите, како и дела од застапените автори преведени на големи светски јазици.
МАИ изработи и нова веб-страница: www.mai.org.mk/macedonian-literature каде што на прегледен и модерен начин, електронски се претставени нашите автори, илустраторите и издавачите.
„Современата македонска книжевност на саемот ќе ја промовира седумчлена делегација на МАИ. Нашите издавачи најголемиот и најпрестижниот книжевен саем ќе го искористат за промоција на нашата современа книжевност преку бројни деловни средби, а на два настана на Саемот ќе учествува и нашата писателка за деца Билјана С. Црвенковска“, најави Министерството за култура.
На првиот саемски ден на нашиот штанд беше организирана национална коктел-забава, на која присуствуваа многу досегашни и идни соработници на нашите издавачи. Сите останати денови за издавачите се исполнети со деловни состаноци и активности за вмрежување со издавачи, книжевни агенти и културни работници од целиот свет.
Саемот на книгата во Франкфурт е најголема и најпосетена манифестација од овој тип во светот. Оваа година тој се одржува по 76-ти пат. Почесна земја-гостин е Филипини. На саемот ќе се одржат околу 4.000 настани (промоции и панел-дискусии), ќе присуствуваат 10.000 новинари и 7.500 претставници на делегации на изложувачите од над сто земји, а бројот на очекувани посетители е над 230 илјади.