Кога Илон Маск зборува за берза, Волстрит слуша внимателно. SpaceX, приватната империја за ракети и сателити која до вчера важеше за „неприкосновено приватна“, се подготвува за прво излегување на берза, со амбиции што надминуваат и дел од најголемите котирани компании во историјата. Според меѓународните агенции, сценаријата кои се разгледуваат за 2026 година предвидуваат проценка од над 1 трилион долари, а поагресивните прогнози одат и до 1,5 трилиони – бројка со која SpaceX би застанал рамо до рамо со најскапите компании на планетата.
Според текстот на „Иновативност“, SpaceX веќе разговара со големите банки за иницијална јавна понуда на акциите. Проекциите се дека преку IPO би можеле да се соберат повеќе од 25, па дури и над 30 милијарди долари свеж капитал – сума споредлива со историскиот рекорд на Saudi Aramco, која при своето листирање во 2019 година собра околу 29 милијарди долари и беше проценета на 1,7 трилиони долари.
Зад драматичните бројки стои деловен модел кој одамна престана да биде само „фирма за ракети“. SpaceX денес е најдинамичниот светски лаунч-провајдер, но вистинската машина за пари е Starlink – сателитската мрежа за брз интернет која веќе има над осум милиони корисници ширум светот, а се шири во нови сегменти како директен мобилен интернет и услуги за бизниси и влади. Аналитичките проценки се дека приходите на компанијата во 2025 ќе стигнат околу 15 милијарди долари, а во 2026 ќе пораснат меѓу 22 и 24 милијарди – најголем дел токму од Starlink.
Внатре во компанијата веќе е поставена сцена за следната фаза. Последната интерна продажба на акции за вработените и раните инвеститори ја позиционираше SpaceX на околу 800 милијарди долари проценка – пресвртница со која фирмата практично се доближува до OpenAI во трката за статус на највредна приватна компанија во светот. Елон Маск, кој поседува околу 40% од SpaceX, во такво сценарио би добил зголемена „хартиена“ нето-вредност од стотици милијарди долари, дополнително кон богатството врзано за Tesla и останатите негови компании.
Потенцијалното IPO, според документите и изјавите кои протекоа во јавноста, не е само технички чекор за ликвидност. Планот е парите од берзата да одат во нови вселенски дата-центри, купување на специјализирани чипови за вештачка интелигенција, забрзување на лансирањата на масивната ракета „Starship“, но и во проекти директно поврзани со амбицијата за постојано човечко присуство на Месечината и подоцна на Марс.
Инвеститорите, барем засега, се повеќе возбудени отколку исплашени. Големите фондови и приватни инвеститори со години чекаат SpaceX да стане достапен на јавниот пазар и не е случајно што дел аналитичари веќе најавуваат дека ова би можел да биде „најжешкиот IPO во историјата“. Но паралелно со ентузијазмот, се множат и предупредувањата: високи почетни проценки статистички често значат послаб перформанс во првите години по листирањето, а во случајот со SpaceX ризикот е зголемен и поради фактот што огромен дел од капиталот оди во долгорочни, скапи и технички ризични проекти како Марс-програмата.
Времето на кое целат Маск и неговиот тим е втората половина на 2026 година, иако во интерните комуникации јасно се нагласува дека ништо не е гарантирано – одлуката ќе зависи од пазарните услови, резултатите на Starlink и напредокот на Starship. Можно е процесот да се протегне и до 2027 година, доколку финансиските пазари влезат во нова нестабилна фаза или ако големите проекти на SpaceX заостанат зад планираната динамика.
Во позадина на целата приказна се читал и еден поширок тренд: пазарите во моментов наградуваат компании кои комбинираат вселена, вештачка интелигенција и инфраструктура. SpaceX токму таму ја гради својата иднина – како оператор на најголемата приватна сателитска констелација, како потенцијален сопственик на вселенски дата-центри и како технолошка платформа на која, теоретски, можат да се потпрат и други играчи од дигиталната економија. За инвеститорите, тоа е приказна за раст и монополски позиции; за скептиците, уште еден тест колку далеку може да оди „трлионската“ фантазија во време на веќе напумпано технолошко и АИ-пазарење.
Се разбира, од перспектива на обичниот инвеститор, клучното прашање ќе остане исто како и кај Tesla: се купува ли визијата на Илон Маск или конкретните бројки од билансот? А за SpaceX, судејќи по плановите за берзата и троцифрените милијарди кои ги наведуваат анализите, изгледа дека тие две работи во моментов се неразделни.