Во интервју за “Гласот на Америка”, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски беше запрашан за безбедносната состојба во државата, при што информираше дека во моментот состојбата е стабилна и безбедна.
„Факт е дека глобалните геополитички случувања, пред сѐ, руската агресија врз Украина, еве сега случувањата во Израел помеѓу Израел и Палестина, меѓутоа и конфликтите, тензиите кои се на северот на Косово имаат сериозно влијание врз состојбите, претежно во областа на безбедноста. Токму заради тоа, не само МВР, туку генерално и сите безбедносни служби и агенции во рамките на Република Северна Македонија преземаат сѐ на дневна основа за да можеме да ја одржиме состојбата безбедна и стабилна и, секако, согласно на сѐ она што може да има импликации да превенираме било какво нарушување на безбедноста. Во моментот состојбата е стабилна, безбедна, немаме некакви индиции за можно нарушување”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека активностите кои се преземаат на дневно ниво даваат резултати во насока на подобрување на безбедноста.
„Мислам дека активностите кои ги преземаме секојдневно во подобрување на безбедносната состојба, во подобрување на состојбата со криминалитетот – падот на криминалитетот за 11% на ниво на државата во споредба со минатата година истиот период, зголемување на ефикасноста во работење на полицијата – сето тоа се параметри кои покажуваат дека состојбата е на завидно безбедносно ниво. Секако дека тука мора да се цени и она што практично го правиме како земја членка на НАТО Алијансата, тоа секако влијае врз безбедноста во државата, влијае позитивно, затоа што не сме сами, имаме силен сојуз, дел сме од најголмиот воено-политички сојуз, со силни партнери со кои заедно работиме за задржување на нашата, меѓутоа и на регионалната и глобална безбедност”, истакна министерот Спасовски.