Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Белград, по повод учеството на 24. Состанок на Комитет на министри на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа, денеска оствари средба со својот српски колега, министерот за внатрешни работи на Република Србија Братислав Гашиќ, на која се разговарало за јакнење на билатералната соработка и за заедничкото дејствување за илегалната миграција, јави дописникот на МИА од Белград.
– Од аспект на нашата соработка на мултилатерално ниво, задоволство ми е да констатирам дека е евидентна нашата посветеност на регионалната соработка што – впрочем – се огледува преку заедничкото дејствување и активност во сите регионални иницијативи и процеси. Во овој аспект, би ја споменал и Специјалната мерка односно Заедничката операција функционална речиси од самиот почеток на миграциската криза која заврши со распоредувањето на припадници на постојаниот корпус на Европската гранична и крајбрежна стража во рамки на која српски полициски службеници заеднички работеа со македонските полициски службеници, оставајќи личен печат на управувањето со миграциите и борбата против илегалната миграција, рече министерот Спасовски, информирајќи го колегата Гашиќ за состојбите со управување со миграцијата и криумчарење мигранти.
Како што изјави министерот Спасовски, една од темите била и илегалната миграција, која, подвлече, е генерален проблем за сите држави во регионот.
– Северна Македонија има извонредни резултати во спречувањето на илегалната миграција, со оглед на фактот што во првите десет месеци имаме намалување за 50 отсто споредбено со истиот период лани, иако е зголемен и бројот на случаи кои што се откриени на криумчарењето на мигранти. Така да Северна Македонија не е атрактивна во моментов, но ние мораме интензивно да работиме. Задоволни сме со Фронтекс, со операцијализацијата на мисијата и со заедничката мисија на заштита на границите, изјави министерот Спасовски.
Тој оцени дека зголемувањето на оперативната соработка и нејзиното продлабочување со Република Србија е наш приоритет, за да учествуваме заеднички во зачувувањето на националната безбедноси и на регионално ниво.
Спасовски на 24. Состанок на Комитет на министри на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа (КПС ЈИЕ) оцени дека успешната имплементација на Договорот за автоматизирана размена на податоци e доказ за нашата решителност да се вклопиме во безбедносниот систем на Европската Унија.