На прагот на Новата 2024 година, ви се обраќам со срце полно надеж за заеднички просперитет, безбедност, сигурна иднина за сите – за нашата држава, Европа и светот, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Во честитката по повод Новата 2024 година, Спасовски оценува дека изминатата година бил забележан значителен напредок во повеќе области.
-Заеднички се соочивме со бројни глобални предизвици, и заедно постигнавме значајни успеси. Република Северна Македонија на безбедносен план е најстабилна во регионот, со врвни резултати во борбата против секаков вид криминал. Како држава во годината што изминува имавме историски можности да покажеме пред светот дека знаеме и умееме да бидеме успешни организатори и домаќини на настани од највисок ранг – како што беше 50. Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ во Охрид и 30. Министерски совет на ОБСЕ во Скопје. Го засиливме веќе високо етаблираниот меѓународен кредибилитет на нашата земја и ја потврдивме посветеноста кон мирот, стабилноста и развојот, вели Спасовски.
Додава дека тоа е особено важно во времиња во кои разорната сила на војната, моќта на дезинформациите, организираниот криминал и корупцијата имаат моќ да уништуваат животи на милиони граѓани, развиени економии и стабилни општества.
-Бидејќи криминалот не разликува ни држава, ни граници, ниту пак прави разлика меѓу нации, раси или религии. Затоа безбедноста на секој еден е важна! Во 2024 година, на прагот на новите надежи и цели, силно посакувам нашата заедничка цел да биде зајакнување на нашето единство за да работиме уште понапорно за обезбедување на мир, стабилност и благосостојба за сите граѓани. Нашата посветеност кон сигурноста и правичноста, борбата против криминалот и корупцијата, унапредувањето на транспарентноста и човековите права, да биде уште поизразена за секој граѓанин да се чувствува вреден и заштитен. И, најважно од сѐ, да бидеме посветени во воведувањето на европските вредности во македонското општество. Бидејќи, само така можеме со сигурен чекор да влеземе во нова, поубава, посреќна и просперитетна година, со заедничка визија и решителност кон нашата цел – интеграција во Европската Унија. Ова е патот којшто ги олицетворува нашите стремежи кон демократија, мир, стабилност и просперитет. Нашиот напредок кон европските стандарди и вредности е неспорен, а нашата одлучност да продолжиме по овој пат е непоколеблива, истакнува министерот.
Порачува да бидеме горди на нашето културно и историско наследство, на македонската култура, македонскиот јазик, заштитениот македонски идентитет пред големото европското семејство, но и пред целиот свет!
-Притоа, сите заедно, градејќи го заедничкото европско општество во кое секоја разлика е ценета и почитувана, да ги овозможиме напредокот и благосостојбата на сегашните и идните генерации. Драги сограѓани, во овие претпразнични денови, нека светлината на надежта и радоста го огрее секој дом и секое срце. Ја испраќаме старата година со благодарност за сите лекции што ни ги приреди и сите успеси со кои нѐ благослови, а ја дочекуваме новата со отворено срце и ум, исполнети со надеж за подобро утре.Нека 2024 биде исполнета со здравје и среќа, нека биде година во која ќе ги оствариме нашите најсмели соништа и цели. Со најискрени желби за мир, љубов и хармонија, ви посакувам среќна Нова година!, порачува Спасовски.