Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната прес конференција која се одржа во Собранието, веднаш по изгласувањето на Анкетната комисија предложена од ВМРО-ДПМНЕ за сите трагедии во Македонија, рече дека жали што пратениците на Христијан Мицкоски, не ја поддржале Aнкетната комисиња за трагедијата во Кочани.
Спасовски нагласи дека СДСМ и останатите пратеници од опозицијата направиле се што можеле, но дека владејачкото мнозинство не покажало ниту емпатија, ниту разбирање, ниту елементарно чувство за барањата на семејствата, на загинатите во оваа трагедија и на сите коишто се повредени.
„Очигледно ова е партиска директива. Затоа што повторно се врати времето во кое што и имавме протест и контрапротест, пленум и контрапленум. Денеска имаме анкетна комисија, предлог против анкетна комисија и се покажа дека партиската директива укажува на тоа дека само тоа што е поднесено од парламентарното мнозинство може да биде вредно, а без притоа да се изедначат секоја иницијатива на овсените претставници и предлагачи“, рече Спасовски.
Според Спасовски, ваквата одлука на ВМРО-ДПМНЕ претставува уште едно понижување, разочарување на семејствата коишто изгубија најмногу и коишто не можат ништо да надоместат со било каква дебата и од било кого.
„Родителите и семејствата чекаат барем трошка надеж, барем трошка вистина, барем малку човечност и барем еден знак дека институциите се на нивна страна. Ова е срам за оваа институција, парламент за законодавна власт којашто треба да биде за сите граѓани и треба да работи за сите граѓани. Денеска пропуштивме една огромна шанса во којашто треба да покажеме единство и солидарност. СДСМ тоа го покажа при гласањето. За разлика од нас, ВМРО-ДПМНЕ, парламентарното мнозинство покажаа партиски интерес и партиска послушност и сето тоа укажува дека се се прави заради одредени партиски поени“, рече Спасовски.
Тој потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ со вакиот чекор ги потврдил досегашните тврдења на СДСМ, дека актуелната власт се плаши од вистината за Кочани.
„Меѓутоа СДСМ, а верувам и колегите од опозицијата ќе продолжат и понатаму да се борат за правдата, да се борат за вистината, да се бориме за сите граѓани коишто се засегнати во овој случај“, рече Спасовски.
Иницијативата за Анкетна комисија за Кочани ја поднесе пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз заедно со пратеничката група на левица а беше поддржана од Еропскиот фронт.

