Спасувачите со часови го извлекувале телото на загинат планинар од кањон, државата одбила да ангажира хеликоптер

Еден планинар загина во неделата на планината Височица кај Коњиц, Босна и Херцеговина, откако паднал во кањонот Ракитница. Припадниците на Горската служба за спасување (ГСС) Прењ со часови го извлекувале неговото тело рачно, бидејќи надлежните институции одбиле да дадат согласност за ангажирање хеликоптер на ЕУФОР во спасувачката мисија.

Од ГСС Прењ информираат дека за несреќата биле известени од Оперативниот центар на Полициската управа Коњиц, по што веднаш започнала сложена и исклучително тешка акција за спасување и евакуација.

Во моментот на несреќата, со загинатиот планинар се наоѓал и негов пријател, кој се спуштил до него, но поради исклучително тешката конфигурација на теренот и физичката исцрпеност не бил во можност сам да се врати, па било неопходно да биде евакуиран и тој.

На терен првично излегла петчлена екипа на ГСС Прењ, на која ѝ се приклучиле уште пет спасувачи од ГСС Јабланица. Дополнително, помош понудиле и спасувачи од ГСС Кантонот Сараево, кои се наоѓале во близина, па во акцијата се вклучиле уште десет спасувачи.

Спасувачите заеднички се искачиле до гребенот, до местото од каде што планинарот паднал во провалијата.

Од ГСС наведуваат дека се обиделе да обезбедат хеликоптерска поддршка од ЕУФОР преку надлежните државни институции, но согласност за ангажман не била добиена, иако два хеликоптери на ЕУФОР надлетувале над нивната позиција.

„Наместо решение, се соочивме со префрлање на одговорност и целосна немоќ на системот. Поради тоа беше донесена тешка, но единствено возможна одлука – рачен транспорт на телото на настраданиот, иако бевме свесни колку е теренот тежок и колку техника, сила и издржливост бара таквиот потфат“, наведуваат од ГСС Прењ.

Извлекувањето на телото од кањонот Ракитница до врвот на гребенот траело околу шест часа. Во текот на акцијата биле совладани околу 600 метри висинска разлика, поставени 12 сидришни точки и изведени шест тимски потези, по што следувал спуст на другата страна од теренот и транспорт до возилата.

Во најтешките моменти од акцијата, кога силата и енергијата на спасувачите биле на самиот крај, ГСС од Кантонот Сараево повикала дополнителни 15 спасувачи, кои пристигнале како поддршка.

„Тој момент на солидарност и заедништво не се заборава. Таму каде што државниот апарат потфрли, не потфрли срцето на луѓето“, истакнуваат од ГСС Прењ.

Тие додаваат дека ГСС Прењ, ГСС Јабланица и ГСС Кантонот Сараево на терен покажале што значат одговорност, хуманост и вистинско братство меѓу спасувачите.

„Ви благодариме, пријатели. Во име на семејството на настраданиот, во име на ГСС Прењ и во име на сите кои знаат што значи да застанеш покрај човек кога му е најтешко – го заслуживте нашето почитување“, порачуваат од службата.

По завршувањето на акцијата, телото на загинатиот планинар било предадено на службениците од Полициската управа Коњиц. Сите спасувачи безбедно го напуштиле теренот и се вратиле во своите домови по полноќ.

„Можеби не може државата. Но може ГСС“, порачуваат спасувачите.

Зачлени се на нашиот е-билтен