Во Собранието мора да преовлада заемната почит помеѓу пратениците, па и на различни политички партии. Ако не се почитуваме ние самите, не можеме да очекуваме дека граѓаните ќе нè почитуваат. Оттука почнува сè, вели во интервју за МИА претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Разликите постојат и треба да останат, вели тој, но не треба да бидеме барикадирани во нив, туку низ дијалог и врз база на аргументација да доаѓаме до заеднички решенија кои се во функција на добробит на сите граѓани.
Во пораката што ја упатува до пратениците и до граѓаните во пресрет на Новата година, Гаши посочува оти очекува да се зголемат политичката култура и заемната почит.
„Премногу негативна енергија имаме, контаминирано општество создаваме. И Собранието треба на некој начин да биде предводник на ова премостување на вредносниот систем. Треба да направиме и вредносна транзиција во општеството. Да почнеме да зборуваме за добрите работи, за почитта, за љубовта, за позитивните работи во државата, за помош, солидарност, за емпатијата, за етиката, за моралот, нашите семејни вредности итн“,посочува Гаши.
Зборувајќи за работата на Собранието во изминатата година, тој рече дека врз основа на истражување на јавното мислење, за првпат после десет години, имаме подобрена перцепција на граѓаните за Собранието. Но, исто така, укажува тој, треба да се намали бројот на закони по скратена постапка што се предлагаат и оти на тоа постојано ќе посочува. Според него, едно од решенијата за намалување на бројот на закони по скратена постапка е календарот за работа на парламентот што треба да се донесе во јануари така што Владата, предлагачите на законите, но и министерствата и администрацијата ќе можат да ги планираат кога да ги достават законите до Собранието.
Законите, додава тој, треба да се донесат во редовна постапка, затоа што така ќе има можност и за поголема промоција и вклученост на експертската јавност.