Во Белград, Нови Сад, Ниш и други градови денес се одржаа комеморативни настани во сеќавање на жртвите и со повик за институционална одговорност. Собирите беа организирани од студентски организации и граѓански иницијативи, со свеќи, читање поезија и минута молчење.
Поводот се 11 месеци од падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 16 лица, а едно беше тешко повредено. Студентите во Белград најавија комеморативна прошетка со почеток во 17:30 часот од станицата „Прокоп“ кон железничката станица во Нов Белград, со апел присутните да не носат свирчиња.
Организаторите порачаа дека собирите се чин на почит кон жртвите и потсетник дека трагедиите не смеат да се забораваат, додека јавноста очекува од институциите отчет за причините и мерките за безбедност на јавните објекти.