Србија е најлошо рангираната земја на Западен Балкан според Глобалниот индекс за организиран криминал за 2025 година и се наоѓа на четвртото место одзади, од вкупно 44 европски земји опфатени во анализата, пренесува Радио Слободна Европа.
Според извештајот, полошо рангирани од Србија се само Русија, Украина и Италија.
Годишниот извештај го објавува Global Initiative Against Transnational Organized Crime (GI-TOC) – меѓународна организација со седиште во Женева која се занимава со анализа и борба против транснационалниот организиран криминал.
Како стојат земјите од регионот?
- Босна и Херцеговина – 6. место
- Црна Гора – 10. место
- Косово – податоците не се објавени
Индексот ги проценува нивото на криминал и отпорноста на државите кон организираниот криминал во 193 земји ширум светот.
Извршниот директор на GI-TOC, Марк Шоу, предупредува дека организираниот криминал сериозно ја поткопува демократијата, суверенитетот и меѓународната безбедност.
Клучни наоди за Србија
Според извештајот, државните актери имаат клучна улога во криминалниот пејзаж во Србија, а политичките елити влијаат врз најважните криминални пазари. Наведено е и следното:
- Корупцијата во државните институции овозможува нелегални финансиски трансакции и заштита на криминални мрежи.
- Високи државни функционери се поврзуваат со фигури од организираниот криминал.
- Србија останува едно од главните криминални чворишта на Западен Балкан.
- Земјата е важен дел од рутата за хероин кон Западна Европа, додека српските криминални групи играат значајна улога во глобалната трговија со кокаин.
- Последните години е забележан и раст на криумчарењето оружје кон Косово, вклучувајќи и оружје од воен тип.
Трговија со луѓе и вмешаност на институциите
Извештајот наведува загрижувачки информации за:
- вмешаност на поединци од властите и полицијата во принуден труд,
- трговија со луѓе за сексуална експлоатација,
- масовно криумчарење оружје,
- минимална одговорност за сторителите.
Дополнително, растечките врски со Русија, Кина и земјите од Заливот предизвикуваат сомнежи за нетранспарентност на инвестициите и потенцијална корупција.
Финансиски криминал и влијанието на политиката
Финансискиот криминал во Србија е длабоко вкоренет, а во него често се вмешани високи функционери, се наведува во извештајот. Приватниот сектор е тесно испреплетен со организираниот криминал:
- Голем број компании работат под влијание на политички структури и добиваат привилегии на тендери и инвестиции.
- Компаниите надвор од политичките кругови се соочуваат со постојани притисоци и инспекции.
GI-TOC нотира дека владејачката Српска напредна странка (СНС) има голем удел во контролата на јавните институции, медиумите и изборниот процес, што дополнително ги зголемува сомнежите за ослабена демократија.
Организираните криминални групи, според извештајот, се користат и за застрашување на политички противници и манипулации во изборни процеси.

