Србија повторно воведува задолжителен воен рок – првата генерација стартува во 2026 година

Од јануари до март 2026 година ќе започне првата генерација регрути што ќе отслужат задолжителен воен рок во Србија, најави српскиот министер за одбрана, Братислав Гашиќ.

Според најавите, воениот рок ќе трае 75 дена. Тој ќе биде задолжителен за мажите, додека жените ќе имаат можност доброволно да се пријават.

Регрутите ќе минат 60 дена во основна обука, а дополнителни 15 дена во завршни воени вежби. Освен класичната обука, ќе се воведат и специфични форми на служење за оние со техничко и технолошко знаење, кои би биле ангажирани во единици за беспилотни летала и други современи технологии.

Министерот истакна дека процесот е комплексен и скап, и дека бара усогласување на повеќе закони. „Очекувам дека на есенската сесија во парламентот ќе се усвои нов пакет закони за армијата,“ рече Гашиќ.

Во рамки на подготовките, српската армија веќе работи на адаптација на повеќе од 120 простории и модернизација на воените станици.

Од доброволна кон задолжителна служба

Задолжителниот воен рок во Србија беше укинат на 1 јануари 2011 година. Од тогаш, војската ја посетуваа само доброволци. Со новата одлука, властите во Белград сметаат дека ќе се зајакнат одбранбените капацитети на државата.

За утре во Белград е најавена и воена парада, како симболична потврда за новиот курс на српската армија.

Зачлени се на нашиот е-билтен