Командантот на мисијата на НАТО во Косово – КФОР, генерал-мајор Озкан Улуташ се сретна денеска со косовскиот премиер, Албин Курти и со министерот за одбрана, Ејуп Маќедонци, со кои разговараше за соработката меѓу косовските институции и КФОР на планот на безбедноста на државата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението на мисијата на НАТО по средбата се наведува дека „постојаната координација и соработка на КФОР со косовските институции и безбедносни организации претставуваат клуч за стабилна безбедност, во корист на сите заедници кои живеат во Косово“.
Турскиот генерал Улуташ, во разговорот со Курти и Маќедонци ја повторил поддршката на КФОР за дијалогот меѓу Косово и Србија, со посредство на Европската унија.
– КФОР продолжува да го спроведува својот мандат – врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година – да обезбеди мирна и безбедна средина за сите заедници кои живеат на Косово и слобода на движење, во секое време и непристрасно. КФОР е трет безбедносен одговор, по косовската полиција и Мисијата на ЕУ за владеење на правото (ЕУЛЕКС), со кои работиме во тесна координација, се наведува во соопштението.