Новиот иранскиот в.д. министер за надворешни работи Али Багери разговараше во Бејрут со лидерот на Хезболах за предложените решенија за ставање крај на војната меѓу Израел и Хамас, соопшти денеска либанската проиранска организација.
Багери вчера пристигна во Бејрут во негова прва странска посета откако беше назначен за привремен министер по смртта на Хосеин Амир-Абдолахиан во хеликоптерска несреќа во која загина и иранскиот претседател Ебрахим Раиси.
Во соопштението Хезболах наведува дека лидерот на организацијата го примил Багери со кого разговарал за „последните политички и безбедносни случувања во регионот, особено на фронтовите во Газа и Либан и предложиле решенија“.
Американскиот претседател Џозеф Бајден во петокот претстави план од три фази, кој го нарече израелски, за ставање крај на војната, ослободување на сите заложници и обнова на опустошената палестинска територија.
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одговори со најава дека неговата земја е решена да ја продолжи војната додека не биде елиминирана исламистичката организација Хамас.
Белата куќа и Бајден вчера посочија дека одобрувањето на планот сега зависи исклучиво од Хамас.
Иран воено и финансиски го поддржува исламистичкиот Хезболах, кој отвори фронт на границата меѓу Либан и Израел од почетокот на војната во Појасот Газа на 7 октомври за да го поддржи Хамас, неговиот палестински сојузник.
На синоќешната прес-конференција, Багери, како одговор на прашањето за одговорот на Иран на планот на Бајден, оцени дека ќе биде подобро Вашингтон да ја прекине помошта за Израел отколку да предложи прекин на огнот.
Тој, исто така, навести дека го избрал Либан за своето прво патување во странство, бидејќи земјата е „колевка на отпорот“ на Израел.
По Либан, Багери денеска отпатува за Сирија, каде што се сретна „со лидерите на палестинските организации на отпорот во иранската амбасада во Дамаск“, пренесе иранската новинска агенција Тасним.
Тој ќе биде примен од сирискиот претседател Башар ал Асад, чиј режим го поддржува Техеран.