Градот Сремска Митровица го прогласи понеделник за ден на жалост поради тешката сообраќајна несреќа што се случи во близина на градот, кога автобус се превртел, при што загинаа најмалку две лица, а десетици се повредени.
Одлуката ја донесе Градскиот совет на Сремска Митровица на итна седница, а ја потврди градоначалникот Бранислав Недимовиќ.
Според информациите, автобусот на превозникот „Сирмиум бус“ превезувал работници од компанијата „Хелткеар“ кога дошло до несреќата. На самото место беше потврдено дека има повеќе повредени, а во текот на вечерта во болница починала и третата жртва од несреќата. Едно лице со потешки повреди е префрлено во Белград.
Во знак на солидарност со семејствата на настраданите, градот ќе исплати по 200.000 динари финансиска помош на секое семејство кое изгуби близок во трагедијата.
Градските власти, исто така, најавија дека за ноемвриската градска награда ќе бидат предложени вработените од Домот на здравје и Општата болница во Сремска Митровица, кои покажале исклучителна пожртвуваност и професионализам во згрижувањето на повредените.
Во болницата се пријавиле и десетици доброволни дарители на крв, кои веднаш изразиле подготвеност да помогнат. Според податоците, само за еден час се пријавиле околу 90 лица.
Со прогласувањето на ден на жалост, Сремска Митровица ќе се присети на жртвите од оваа трагедија — во тишина и со благодарност кон сите кои во тешките моменти покажаа човечност и солидарност.