Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Српски аналитичари: Курти не сака да воспостави ЗСО на Косово, но сака да наметне „Заедница на албански општини“ во Македонија

Идејата за формирање на Заедница на српски општини (ЗСО) на Косово стана дел од и од македонската политичка сцена, откако партијата Алтернатива предложи до другите партии, пред се од албанскиот блок, да размислат за формирање на „Заедница на албански општини“ во Македонија. Речиси сите партии го одбија ваквиот „непристоен“ предлог, поистоветувајќи го како „несериозен, антимерикански и антиевропски“.

Ваквата тема пред две недели прв ја начна Елвис Хоџа, советник на косовскиот премиер Албин Курти. Побаравме мислење од дел од српските аналитичари кои се повеќе запознаени со ваквиот наратив и што тој би значел, со оглед на тоа дека ЗСО е една од клучните теми во преговорите меѓу Белград и Приштина. Според политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ, косовските власти не сакаат да го воспостават ЗСО, но сакаат да го наметнат во другите земји од регионот.

Драгомир Анѓелковиќ

-Освен што не сакаат да го направат тоа, Албанците сега се обидуваат да го проектираат моделот на формирање на ЗСО меѓу нивните национални заедници во другите земји од Западен Балкан. Почнуваат да ја бараат Заедницата на албанските општини во Македонија, а веројатно наскоро истото ќе го направат и во Црна Гора. Бидејќи ова се заканува да отвори нови кризни жаришта и неминовно предизвикува широк отпор, а Албанците тоа секако го знаат, сите овие барања треба да се толкуваат како придонес за саботирање на преговарачкиот процес со Белград, порачува Анѓелковиќ.

Тој оценува дека „Албанците не сакаат никакви технички, па дури и парцијални статусни решенија за Косово, туку нивната цел е создавање на Голема Албанија“.

-И на тоа ќе работат упорно, периодично подгревајќи ги тензиите, додека не проценат дека е дојден моментот да се обидат да предизвикаат голема регионална експлозија, од која, како што се надеваат, ќе се создаде Голема Албанија. Но, тие не треба да заборават, како што не учи историското искуство, дека често работите не излегуваат како што сакаат националните стратези. Со нивните неразумни барања од Косово до Македонија, веројатно си ги создаваат најголемите проблеми долгорочно, порачува соговорникот.

Додава дека Косово е специфичен ентитет и не може да се повлечат паралели меѓу него и која било земја или регион од Западен Балкан.

-Од 1999 година, Косово е надвор од контролата на мајката Србија, на која и припаѓа, но од друга страна, резолуцијата 1244 на ОН јасно потврди дека и понатаму е нејзин дел. Белград и Приштина, односно српската заедница на Косово и тамошната мнозинска албанска влада, се обидуваат да најдат компромисно решение. Дел од тоа е, во рамките на Бриселскиот договор, веќе договорен модел за формирање на Заедницата на српски општини. За жал, албанската страна до денес го саботираше формирањето на ЗСО – обидувајќи се да ја поврзе таа отстапка дадена на Србите уште во 2013 година во рамките на техничкиот дијалог, каде што српската страна одамна ги исполни најголемиот дел од своите обврски – со решение за статусот на Косово. Со други зборови, Албанците дрско се обидуваат двапати да си ја наплатат потенцијалната концесија.

Тоа, како и претходното неподготвеност на Белград да влезе од сферата на техничката нормализација на односите во зоната на редефинирање на меѓународен статус на позицијата на Косово во согласност со желбите на Албанците и нивните западни ментори, доведе до блокада на преговарачкиот процес. Приштина сè уште не е подготвена да го реализира она што одамна мораше да го направи. Оттука, и покрај сите принципиелни ветувања да се биде подготвен за дијалог, малку е веројатно дека тој ќе даде резултати дури и со француско-германско посредување. Затоа што услов за какви било нови договори е реализација на сите елементи од старите, ни рече Анѓелковиќ.

Милутин Миша Илиќ

Српскиот независен новинар и аналитичар Милутин Миша Илиќ во разговор за „Локално“ истакна дека Охридскиот рамковен договор му даде големи права на албанското малцинство во Македонија.

-Земете ги и споредете ги процентите на припадниците на албанското малцинство во однос на вкупниот број на жители во Северна Македонија и, да речеме, припадниците на српското малцинство во Црна Гора во однос на нејзиното вкупно население, а потоа споредете го степенот на правата гарантирани со закон и во двата случаи и ќе ги разберете предностите на Охридскиот договор и опсегот на правата што ги ужива албанското малцинство во Северна Македонија. Се што евентуално би било опфатено од Заедницата на албанските општини е веќе загарантирано со Охридскиот договор, ни вели Илиќ.

Тој смета дека зад оваа иницијатива стои косовскиот премиер Албин Курти, кој според него е, „радикализиран косовски политичар кој сè поотворено застапува антиамерикански и антиевропски ставови“.

-За него демократијата е само неопходно зло и никогаш сериозно не отстапил од неговата основна марксистистичко-ленинистички ставови измешани со национализам, кој со децении преовладува на Балканот, области, многу опасна комбинација на политики за мир. Курти, кој бара причини да го опструира и отфрли барањето на ЕУ и Америка за стабилизација на ситуацијата на Балканот и меѓу Белград и Приштина, сака да и се закани на Северноатлантската алијанса со немирен Балкан што САД воопшто не го сакаат поради ситуацијата во Украина, објаснува Миша Илиќ.

Соговорникот вели дека не би бил изненаден да се отфрли ваквата иницијатива од нерадикализираните албански лидери во самата Македонија и во регионот.

-Во моментов е многу важно да се направи првиот чекор со формирање на ЗСО поради степенот на загрозување на правата на Србите и поради загрозеноста на степенот на преговарачката доверба во ЕУ, особено по големата дипломатска афера со измама на Франција и Германија во преговорите Минск 1 и Минск 2, а потоа да продолжи во насока на прифатливи решенија за сите, со цел што поскоро приклучување на Западен Балкан во ЕУ, посочува српскиот аналитичар.

Н.П. (Локално)

Зачлени се на нашиот е-билтен