Српски државјанин со иницијали С. М., на возраст од 42 години, е уапсен во Скопје во заедничка акција на македонското и српското Министерство за внатрешни работи, по сомнежи дека илегално влегол во Македонија и планирал извршување тешки кривични дела, најверојатно убиство, по налог на криминална група.
Акцијата била спроведена во координација меѓу службите на двете држави, Криминалистичката полиција, Службата за сузбивање криминал и Агенцијата за национална безбедност. Лицето се сомничи дека е член на организирана криминална група и дека во Македонија престојувало нелегално.
При претрес на локацијата каде што престојувал С. М., полицијата пронашла пиштол марка „ЦЗ“ со муниција, црна тактичка униформа, воен нож, мала количина марихуана и туѓа лична карта издадена во Србија.
Од македонското МВР било потврдено дека акцијата се спровела под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Освен С. М., приведени биле уште две лица – еден српски и еден македонски државјанин. При претресите на повеќе локации во Скопје биле пронајдени дрога, пари и мобилни телефони.
Од МВР најавиле дека по целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. До тогаш, случајот останува во фаза на истрага, а за осомничените важи презумпцијата на невиност.