Српски медиуми: Бламажа на парадата во Белград, на тробојното знаме додадени уште две бои

За време на денешното одржување на воената парада во Србија наречена „Сила на единството“, многу снимки и настани предизвикаа големо внимание на јавноста, во медиумите и на социјалните мрежи.

Според српските медиуми, најзабележливи биле сцените со полицискиот кордон околу граѓаните и студентите кои биле на мирниот протест но и необичното дизајнерско решение на знамето на Србија прикажано за време на парадата.

Вниманието на присутните било украдено од изгледот на знамето, кога големата српска тробојка носена од повеќе од сто луѓе била распослана пред Палатата на Србија. Тие во моментот забележале дека не станува збор за стандардниот, туку за некој нов дизајн на српско знаме, бидејќи имало две нијанси на црвена, две нијанси на сина, заедно со бела. Токму овие бои предизвикаа голем број реакции.

На социјалните мрежи беа објавени следните постови:

„Пет нијанси на српското тробојно знаме! Визуелен приказ на тоа што се случува кога ќе претворите воена парада во приватен митинг“, пишува во описот на објавата на мрежата X, заедно со снимки од емитувањето на РТС.

Сè уште не е познато како се случило таков превид, особено што според информациите од медиумите, настанот се вежбал секојдневно пред Палатата на Србија во последните десет дена.

„Се чини дека никој не се грижел да провери како изгледало знамето сè додека не било предоцна“, коментираат корисниците на социјалните мрежи.

Оваа симболична грешка дополнително го засили впечатокот дека парадата, наместо порака за единство, се претвори во политички настап со збунети пораки – и визуелно и социјално.

Зачлени се на нашиот е-билтен