Српски медиуми: Македонската опозиција вели дека Мицкоски е мал Вучиќ

Српскиот портал „Нова“ посвети текст на најновото соопштение на СДСМ, во кое македонската опозиција го опишува премиерот Христијан Мицкоски како „мал Вучко“ и тврди дека тој ја копира политиката на српскиот претседател Александар Вучиќ. Според написот, СДСМ смета дека Мицкоски „прави сè исто што и Вучиќ“ кога зборува за избори и кога ја креира политичката сцена во земјава.

„Нова“ ја пренесува оценката на СДСМ дека е „симптоматично“ тоа што Мицкоски зборувал за избори истиот ден кога Вучиќ најавил гласање во Србија, додека паралелно се објавуваат анкети за рејтингот на партиите. Српскиот портал наведува дека, според македонската опозиција, реконструкцијата на Владата во Скопје е само „обично шминкање“ по моделот што Вучиќ го користи со години – прво реконструкција, потоа дополнителни објаснувања, а потоа распишување избори.

Во текстот се пренесува и делот од соопштението во кој СДСМ зборува за „вертикала“ на политички партии – ФИДЕС на Виктор Орбан во Унгарија, СНС на Вучиќ во Србија и ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски, кои, како што тврди опозицијата, со години функционираат на иста линија. Како дел од таа линија се спомнува и азилот што Груевски го доби во Будимпешта, а се додава и „хоризонтала“ кон Словачка и премиерот Роберт Фицо.

„Нова“ ги пренесува и обвинувањата на СДСМ дека корупцијата е заеднички именител на протестите во Унгарија, Словачка и Србија, каде што, според опозицијата, граѓаните цела година протестираат заради злоупотреби при големи инфраструктурни проекти и енергетски политики. Се споменуваат примерите со паднатата настрешница на железничката станица во Нови Сад, наводно наместените тендери и проценетата штета од стотици милиони долари.

Српскиот портал го пренесува и делот од соопштението во кој се повикува на изјавите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за српската фирма „Roaming Networks“ (позната и како „Dot Networks“) и наводното вмешување во изборите во САД во 2020 година, преку сервери на сопственици блиски до СНС и до Вучиќ. Во продолжение се спомнува и „СКАЈ“ преписката од истрагите на Европол, во кои, според македонската опозиција, се појавува фигура означена како „Оскар“, организатор на криминални активности на Балканот – со паралела дека „во Македонија сите знаат кој е нашиот ‘Оскар’“.

Написот забележува дека СДСМ ја врзува иднината на владата во Скопје со можните избори во Србија напролет. Според соопштението пренесено во целост, доколку во Србија има избори, „тоа ќе ја очекува и Македонија“, бидејќи, како што тврди опозицијата, Груевски, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ „немаат луксуз“ да го дочекаат евентуалниот пад на српскиот режим, кога би се отвориле прашањата за нивните поврзаности.

Со објавувањето на текстот „Македонска опозиција обвинува: Мицкоски е ‘мал Вучко’, прави сè исто што и Александар Вучиќ“, српските медиуми фактички ја пренесуваат домашната партиска полемика во регионален контекст. Внатрешниот македонски судир околу моделот на владеење, корупцијата и изборите така станува дел и од српската медиумска сцена, каде што балканските политички паралели и споредби одамна се дел од дневната агенда.

Зачлени се на нашиот е-билтен