Српски ракети CM400: Пленковиќ вели дека врвот знаел навреме

Српски ракети CM400 повторно ја отворија безбедносната дебата во Хрватска, откако премиерот Андреј Пленковиќ во Саборот изјави дека државниот врв бил навремено и подеднакво информиран за ова прашање, уште пред темата да стане јавна. Тој одговори на пратеничко прашање за тоа зошто јавноста и партнерите не биле предупредени порано, тврдејќи дека Хрватска реагирала преку НАТО-канали веднаш штом ракетите биле забележани на српски авиони МиГ-29.

Според Пленковиќ, размената на информации меѓу него, министерот за одбрана и претседателот на државата била „целосно истоветна“, а формалните консултации со сојузниците биле покренати преку Северноатлантскиот совет. Притоа, тој не откри кога точно била регистрирана таа информација, туку само нагласи дека тоа се случило пред објавите во јавниот простор. Со таа формулација, хрватскиот премиер се обиде да оттурне впечаток дека институциите доцнеле или дека политичкиот врв не бил усогласен околу чувствителното безбедносно прашање.

Но токму тука останува и главната политичка пукнатина: ако државниот врв навистина знаел порано, тогаш прашањето не е дали информацијата постоела, туку зошто јавната комуникација дошла подоцна и во ограничен обем. Пленковиќ порача дека, доколку постоела сериозна закана, темата ќе била отворена и на Советот за национална безбедност, додавајќи дека тоа, според проценките на властите, не било потребно во овој случај. Во ист настап, тој потсети и дека хрватските одбранбени издвојувања пораснале на 2,1 отсто од БДП и дека набавките што се прават имаат исклучиво одбранбен карактер.

Зачлени се на нашиот е-билтен