Српскиот премиер со остра осуда за апсењето на Игор Поповиќ во Косово; УНМИК – Внимателно ја следиме ситуацијата

Премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, остро го осуди апсењето на помошникот-директор на Канцеларијата за Косово и Метохија, Игор Поповиќ, што го изврши косовската полиција.

„Ова е уште еден во низата брутални примери на кршење на основните човекови права и слободи, пред се на правото на слобода на движење и изразување. Апсењето на човек само затоа што ја зборува вистината и работи во интерес на својот народ е јасна порака дека дијалогот и нормализацијата немаат место во политиката на Приштина“, рече премиерот Мацут.

Како што објави Владата на Србија, Мацут побара итно и безусловно ослободување на Игор Поповиќ, со оценка дека неговото апсење е целосно неосновано и политички мотивирано.

УНМИК денеска изрази загриженост поради апсењето на Поповиќ, и повика сите пропишани процедури да се спроведат брзо и во согласност со стандардите за човекови права и владеење на правото.

Мисијата нагласува дека внимателно ја следи ситуацијата, пренесоа српските медиуми.

„Специјалната претставничка на генералниот секретар на ОН и шеф на УНМИК, Каролин Зијаде постојано повикува на воздржаност и страните да останат конструктивно вклучени во дијалогот со посредство на ЕУ“.

Директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, денеска побара меѓународна помош за ослободување на Поповиќ.
„Бараме од претставниците на меѓународната заедница да дејствуваат против овој флагрантен пример на апсење за вистината, слободата на мислата и изразувањето и да добијат итно ослободување на Поповиќ“.

Поповиќ беше уапсен во петокот по говор во Ораховац во спомен на Срби убиени од ОВК. Во неделата, судот во Приштина му одреди притвор до 30 дена, а српската Канцеларија за Косово објави дека е приведен затоа што во говорот „ги нарекол со нивното вистинско име оние што убиле 47 Срби и Роми и киднапирале повеќе од сто невини луѓе во текот на јули 1998 година“.

Зачлени се на нашиот е-билтен