Српските студенти собраа речиси 400.000 потписи за вонредни избори за само еден ден

Српските студенти во блокада собраа речиси 400.000 потписи како поддршка на барањето за распишување вонредни избори, во рамки на акцијата „Потпиши победа“, која се одржа завчера низ цела Србија, пренесува Н1.

Според објавата на студентите од Електротехничкиот факултет (ЕТФ) на социјалната мрежа „Х“, за само еден ден биле собрани 393.045 потписи, а симболично порачале дека „тие се тие што ја распишуваат победата“.

„400.000 потписи за еден ден. Прва теренска акција низ цела Србија. Потпишувале војници, полицајци, уценети чувари на ќациленд. Не се надевавме на толкав одзив од највозрасните. Пензионери, извинете“, напишаа студентите, додавајќи во шега дека со гласовите од дијаспората бројката ќе ја надмине границата од 400.000.

Акцијата „Потпиши победа“ беше најавувана подолг период и се реализираше преку околу 400 штандови во повеќе од 100 градови и населени места низ Србија. На некои локации потпишувањето траеше неколку часа, а на други – во текот на целиот ден.

Паралелно со теренската акција, студентите отворија и онлајн формулар за граѓаните на Србија кои живеат во дијаспората. Поради големиот интерес, рокот за онлајн потпишување е продолжен и за наредниот ден, иако првично беше најавено дека ќе биде достапен само 24 часа.

Со оваа акција, студентите испратија јасна порака дека поддршката за нивните барања далеку ги надминува универзитетските кругови и дека притисокот за вонредни избори добива масовна граѓанска димензија.

Зачлени се на нашиот е-билтен