Свлечиште предизвикано од натопена почва и интензивни врнежи урна дел од потпорниот ѕид кај Клиничка болница-Штип, при што земја и ограда се свлекле врз две паркирани возила на улицата „Љубен Иванов“, која води кон главниот влез на болницата. Инцидентот се случил утринава, 27 јануари, а според првичните информации нема повредени лица, но материјалната штета е значителна.
Очевидци раскажуваат дека сè се случило ненадејно, со силна бучава, додека дел од граѓаните веќе се движеле кон болницата. Едно од возилата, со велешки регистарски таблички, било оставено на паркинг-местото само неколку моменти претходно, по што сопствениците забележале дека ѕидот и земјата паднале директно врз автомобилот. Второто возило е со скопски таблички.
На терен интервенирале екипи на СВР Штип кои го регулирале сообраќајот и го обезбедиле просторот додека траело расчистувањето. Од ЈП „Стипион“ е извршено отстранување на наносот и паднатите делови, по што сообраќајот на улицата е нормализиран. Надлежните најавуваат дополнителна проверка на стабилноста на потпорниот ѕид и околниот терен, со цел да се спречат нови свлечишта на оваа фреквентна болничка пристапница.