Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, најави дека во среда, на 28 јануари, ќе се одржи протест на кој работниците ќе побараат достоинствени плати и крај на, како што рече, потценувачкиот однос кон трудот.
На прес-конференција, Трендафилов порача дека протестот е реакција на долгогодишните ветувања кои не се исполнети, како и на одбивањето на институциите да постигнат договор за зголемување на платите до крајот на минатата година.
„Ги повикуваме сите работници што беа лажени дека ќе добијат повисоки плати да ни се придружат. Наместо решение, им беше кажано сами да се договараат со газдите. Тоа е понижувачки“, изјави Трендафилов.
Тој посочи дека прагот на сиромаштија изнесува 31.200 денари и дека секој работник има потреба од реално зголемување на примањата, а не, како што рече, симболични корекции.
„Не зборуваме за 25 евра, со кои некои функционери се фалат дека ќе ги усогласат платите, и тоа дури во март. Зборуваме за достоинствен живот“, нагласи претседателот на ССМ.
Трендафилов предупреди дека протестот е само првиот чекор и најави ескалација доколку нема слух од институциите.
„Седењето дома значи поддршка на политиката на ниски плати и тежок живот. Ако нема реакција, следуваат нови протести, блокади, генерален штрајк во јавниот сектор, а ќе собереме и 10.000 потписи за законски измени – намалување на функционерските плати за 78 отсто и зголемување на минималната плата на 600 евра“, порача Трендафилов.
Од ССМ порачуваат дека протестот е обид да се врати достоинството на работникот и да се изврши притисок врз институциите конечно да донесат конкретни мерки за подобрување на животниот стандард.