Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) го потврдува ставот дека зголемувањето на платите, вклучително и минималната плата, не ја уништува економијата, туку создава услови за развој и отворање на нови компании. Ова го покажува и најновото истражување спроведено од ССМ, кое ги демантира честиот аргумент на газдите дека „растот на платите доведува до колапс на компаниите и губење работни места“.
Податоците од Централниот регистар покажуваат дека со секое последователно зголемување на минималната плата се зголемува бројот на новоосновани компании, додека бројот на затворени фирми се намалува:
- 2022 година: Минималната плата зголемена од 15.194 на 18.000 денари – 7.062 нови фирми и 5.694 затворени.
- 2023 година: Минималната плата зголемена на 20.175 денари – 7.062 нови фирми, затворени 3.372.
- 2024 година: Минималната плата достигна 22.567 денари – 6.627 нови фирми, затворени 2.891.
Овие бројки јасно покажуваат дека растот на минималната плата е придобивка за економијата, а не закана.
ССМ истакнува дека Владата не треба да подлегнува на притисоците на газдите, кои со лаги и манипулации се обидуваат да го блокираат процесот на зголемување на платите. Според синдикатот, континуираниот раст на платите е неопходен за да се обезбедат достоинствени примања за работниците и праведна распределба на профитот.
„Работниците не треба да живеат со минимални примања и најниски плати во регионот. Владата е должна да ги поддржи и зголемувањата на платите, вклучително и минималната плата, и да застане на страната на достоинствениот труд“, наведуваат од ССМ.
Синдикатот порача директно и до газдите и до Владата: газдите треба да престанат со лагите и да почнат да исплаќаат достојни плати, додека Владата треба да обезбеди системски раст на платите за сите работници.