Во „Европска куќа Струмица“ денеска ќе се одржи изложбата „Стаклена соба: Погрешни информации и манипулации на интернет“, во организација на Делегацијата на Европската Унија и Македонскиот институт за медиуми.
Изложбата претставува едукативна инсталација составена од серија постери, интерактивни апликации и анимации, коишто може да се постават во изложбени простори.
Изложбата им нуди можност на посетителите да дознаат повеќе за погрешните информации и за улогата на интернет-корисниците во нивното ширење, како и за бизнис моделите, дизајнерските тактики и корисничките навики што овозможуваат поволна средина за нивно пренесување.
Како дел од поставката подготвено е и Упатство за детоксикација од податоци, вклучително и од погрешни информации, што содржи конкретни совети како паметно и одговорно да се користи технологијата. Како надополнување на изложбата ќе бидат организирани и неколку интерактивни работилници за возрасни и за млади, на кои ќе бидат опфатени теми поврзани со Упатството за детоксикација.
Изложбата е осмислена и подготвена од меѓународната невладина организација со седиште во Берлин – Тактикал Тек , во соработка со повеќе европски партнери, а ко-финансирањето е обезбедено преку Европската Унија.
По отворањето во 2020 година, изложбата е поставена во 19 земји низ Европа на различни локации, како библиотеки, училишта, излози на продавници, железнички станици, и е достапна на повеќе од петнаесет јазици. Досега, поставката ја посетиле над 30.000 посетители ширум Европа и неколку стотини илјади онлајн.