Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Станарите од опожарената зграда во Чаир не знаат кога ќе се вратат дома, бараат одговори од надлежните

Пожарот кој вчера ја зафати зградата на ул. „Прохор Пчински“ утрово беше изгаснат, но станарите сè уште немаат одговори во однос на тоа што го предизвикало пожарот, колкава е штетата во нивните станови и најважно, кога ќе можат да се вратат во своите домови.

„Повторно спиев во автомобилот. Ни рекоа дека можеби ќе се вратиме за една недела, можеби за еден месец, уште ништо не се знае“, изјави за Мета.мк студент од Турција кој живее во зградата.

Подрумот на зградата | Фото: Мета.мк.

Пожарот утрово беше згаснат, во 9.30 часот, откако гореше повеќе од 30 часови.

Екипата на Мета.мк пристигна пред зградата околу пладне, а мирисот на изгорена пластика буквално „штипеше“. Фасадите на зградата и соседната куќа се црни, а изгорени се и клима уреди на терасите.

„Ние преспавме кај роднина, но тоа е краткотрајно решение. Имам жена и деца, а не верувам дека ќе се вратиме за една недела. Основни работи се проблем. На пример, мене клучевите од колата ми се во станот, немам како да си ги земам“, ни рече еден од станарите.

Полицајците на терен не соопштуваа никакви детали за ситуацијата. Самите тие сè уште немаа влезено во зградата – чекаа на инспекцијата и на вештаците. Вкупната штета исто така не е позната. Но, водејќи се по сведоштвата на станарите кои виделе чад како излегува од вентилацијата и вц-школките на своите станови, а и по времетраењето на пожарот, очигледно дека не е занемарлива.

„Не знаеме колкава е штетата во дуќанот. Битно е што сме здрави и живи, материјалната штета не е толку важна“, рече еден од вработените од „Хороз електрик“, дуќанот што се наоѓа на приземјето од зградата.

Недостигот на одговори од надлежните предизвикуваше фрустрација за толпата граѓани собрани пред зградата. Тензијата ескалираше кога од зградата излезе лице со јакна од волонтерска пожарникарска бригада со рацете во лисици зад грб, придружено од двајца полицајци. Беше ставен во полициско возило, кое веднаш замина. Еден од присутните полицајци потоа за Мета.мк рече дека тој бил уапсен бидејќи влегол во зградата, но не знаеше дали бил станар или крадец.

Фото: Мета.мк

Преку соопштение, Министерството за внатрешни работи соопшти дека две лица биле лишени од слобода поради обид за кражба во зградата.

По апсењето, полицјата ги разбрка граѓаните од пред зградата и постави полициска лента на самата улица, која секако не помогна да се смират вознемирените станари.

„Спиевме под отворено небо вчера. Стотина станари сме, сите сами се снаоѓаме. Каде е градоначалникот да дојде да види што се случува?“, прашуваше еден од станарите.

Во зградата на улицата „Прохор Пчински“ живеат повеќе од 100 луѓе, кои кога настана пожарот вчера околу 2 часот изутрината, ги напуштија своите домови, оставајќи сè зад себе. Некои, како што сведочат, ги оставиле отворени дури и влезните врати од становите, што претставува лесна мета за крадците.

Според првичните информации, пожарот кој го гаснеа 7 возила и 20 пожарникари, настанал во подрумот, односно во магацинскиот дел која се протега преку целата основа на зградата, каде што наводно имало многу пластични производи, садови за домаќинство, вештачки дрва итн. Магацинот сега, по гаснењето од страна на противпожарните екипи е преполн со вода.

Лекарска помош вчера побарале над 40 станари од зградата, како и пожарникар кој вдишал чад, а 15 деца биле примени на Детската клиника. Сите тие се во добра здравствена состојба.

Зачлени се на нашиот е-билтен