Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, истакна дека на последниот состанок во Брисел со лидерите на Белград и Приштина, ЕУ дала „избалансиран“ предлог за формирање на Заедница на српски општини (ЗСО) и дека српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти ја наговестиле нивната „начелна“ подготвеност да го прифатат тој предлог, јави дописникот на МИА од Белград.
-Ова ќе го унапреди процесот на нормализација и ќе го ублажи ризикот од ескалација и ново насилство. На средбата страните укажаа на принципиелна подготвеност да го прифатат овој европски предлог, но и двете имаа предуслови кои беа неприфатливи за другата страна, рече Стано, соопшти РТК.
Тој додаде дека очекува оваа подготвеност да доведе до имплементација без натамошно одлагање, нагласувајќи дека „предусловите не се прифатливи“.
Според него, предлогот на ЕУ не бил објавен бидејќи дипломатските напори се во тек.
-Никогаш не пренесуваме официјални документи за кои се разговара, како што е вообичаена практика во меѓународното посредување. Исто така, наша долгогодишна политика е да не коментираме за наводно протекување информации или медиумски извештаи кои тврдат дека го виделе или објавиле документот, додаде Стано.
Тој нагласи „дека двете страни ќе бидат оценети врз основа на нивните индивидуални постигнувања во спроведувањето“.