– Одлуките и постапките на рускиот претседател Владимир Путин јасно укажуваат на неговата решеност да продолжи со илегалната агресија врз Украина и засега нема ниту еден кредибилен мировен предлог од страна на Русија, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.
– Путин не е посветен на мирот и во кампањата за претседателските избори закажани за оваа пролет, чии резултати може да се претпостават и мислам дека се веќе утврдени, ќе има пораст на нападите и на агресијата врз Украина. Путин тоа го покажа за божиќните и новогодишните празници и го покажува секојдневно со продолжување на ескалацијата и распоредувањето на оружје, дронови и ракети и се повеќе напаѓајќи цивилни цели и инфраструктура, истакна Стано.
Тој додаде дека засега нема никаков показател од руска страна дека искрено постои подготвеност за мир и за прекин на агресијата, па затоа меѓународната заедница, вклучително и ЕУ, треба да продолжи со поддршката на Украина.
– Кога станува збор за украинската мировна формула, ние ја сметаме за најкредибилна и најреална основа за мировно решение. На крајот секако, војната ќе биде решена на преговарачка маса, а не на бојното поле, бидејќи сите конфликти завршуваат со некаков мировен договор или капитулација. Но, ставот на ЕУ е јасен: Украина мора да победи во оваа војна, бидејќи има легитимно право на самоодбрана, во услови кога Путин изјави дека сака да ги избрише Украина и украинскиот народ од картата на светот. Тоа мора да биде спречено, додаде Стано.
Тој потсети дека во врска со украинскиот мировен предлог се дискутираше и на средба во Давос на која учествуваа претставници на околу 80 земји од целиот свет, што, според него, е особено важно, бидејќи покажува дека оваа војна одново го привлекува вниманието на меѓународната заедници, која на неа не гледа како на агресија врз Украина, туку како на агресија врз меѓународното право и Повелбата на ОН.
Стано истакна дека ЕУ е подготвена да прифати мировни предлози, но за жал таква подготвеност не постои од страната што ја предизвика оваа војна и која продолжува не само со воената операција, туку и со ескалација на состојбите.
Според него, бидејќи Украина е жртвата во оваа војна, таа и треба да реши за условите и временската рамка на евентуални кредибилни мировни предлози доколку тие дојдат од руска страна, што, како што нагласи, засега за жал не е случај.
– Ништо што доаѓа од Москва нема кредибилитет и не може да се сфати сериозно. Гледаме дека нивните изјави не се проследени со соодветни постапки и затоа мора да ги носиме нашите одлуки врз основа на она што го прават. А тоа што гледаме дека го прават е продолжување на агресијата, изјави Стано.
Тој нагласи дека со агресијата врз Украина, Русија не му нанесува штети само на украинскиот народ, туку и на сопствените граѓани кои „ги испраќа во оваа илегална војна да гинат во голем број“.
– Путин е решен да продолжи со оваа војна барем до завршување на претседателските избори, заклучи Стано.