Во ЕУ денеска стапи во сила Законот за интероперабилна Европа, кој има за цел да ја олесни прекуграничната размена на податоци, да ја забрза дигиталната трансформација на јавниот сектор и да овозможи подобар пристап до јавните услуги за граѓаните и бизнисите во Унијата.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел. Законската регулатива е од суштинско значење за постигнување на целите утврдени со програмата „Дигитална декада на ЕУ“, која предвидува сите клучните јавни услуги во Унијата да бидат достапни онлајн до 2030 година и треба да овозможи функционален единствен дигитален пазар и поефективна имплементација на дигиталните карактеристики на јавните политики, од правдата, преку здравството, па до транспорт.
Според ЕК, најголема полза од новата регулатива ќе имаат граѓаните, бизнисите и јавната администрација при користење на меѓусебно поврзани дигитални јавни услуги кои бараат прекугранична размена на податоци, кои вклучуваат взаемно признавање на академски дипломи или професионални квалификации, пристап до податоци за социјално осигурување и здравствена заштита, како и размена на информации за безбедноста на патиштата и за оданочување, царини, пријавување на јавни тендери, дигитални возачки дозволи или комерцијални регистри.
Се проценува дека благодарение на примената на овој Закон, годишните заштеди ќе достигнат до пет милијарди евра.
Имплементацијата на Законот за интероперабилна Европа ќе се финансира преку Програмата за дигитална Европа (ДИГИТАЛ).
Согласно одредбите на Регулативата, најголемиот дел од нив ќе почнат да се применуваат во рок од три месеци од датумот на нејзиното стапување во сила. Дополнително, земјите членки треба да именуваат национални надлежни органи за ова прашање најдоцна до јануари 2025 година.