Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Стартуваше Берлинале, фестивалска поддршка за Украина и слободарскиот Иран

Синоќа во Берлина започна 73. издание на Берлиналето во неговата стандардна форма и термин, по двегодишна пауза поради ковид ограничувањата.

Во десетте фестивалски денови до 26 февруари ќе бидат прикажани близу 400 наслови. Берлинале ја негува традицијата на политички ангажирана манифестација, па годинешното издание ќе им пружи поддршка на филмските уметници и луѓето во Украина и Иран, разорени со војни и нереди.

Фестивалот беше отворен со комедијата „Таа дојде кај мене“ на режисерката Ребека Милер, со Питер Динклиџ, Мариса Томеи и Ен Хатавеј.

За официјалната натпреварувачка програма за Златна и Сребрена мечка ќе се натпреваруваат 19 филмови, од кои шест се на режисерки. Берлинале како водечка манифестација меѓу топ-фестивалите е голем заговорник за што поголемо учество на женни-авторки, и на годинешното издание 40 отсто од сите автори се жени.

Во натпреварувачката селекција се и британско-американската копродукција „Manodrome“ со Џеси Ајзенберг и Адриен Броди, два азиски анимирани филмови (Лиу Џиан од Кина со „Art College 1994“ и Макото Шинкаи од Јапонија со „Suzume“). Претседателка на жирито е американската актерка, режисерка и сценаристка Кристен Стјуарт.

Британската актерка Хелен Мирен премиерно ќе го прикаже филмот „Голда“ во која ја игра единствената жена премиер на Израел, а Вики Крипс ја портретира австриската писателка Ингеборг Бахман во филмот на германската режисерка Маргарета фон Трота.

Златна мечка за животно дело ќе добие американскиот режисер Стивен Спилберг.

На фестивалската програма вон конкуренција со светска премиера ќе се претстави документарниот филм „Супермоќ“ на Шон Пен и Арон Кауфман за украинскиот претседател Володимир Зеленски, руската инвазија на земјата и тековната војна.

Зачлени се на нашиот е-билтен