Американскиот Стејт департмент го одобри барањето на Хрватска за купување осум воени хеликоптери УХ-60М Блек Хок и ја проследи одлуката на американскиот Конгрес на усвојување.
Според порталот Балканска безбедносна мрежа, зделката е вредна 500 милиони долари и со овој чекор Загреб ја покажува својата желба целосно да ја „американизира“ својата хеликоптерска флота.
Американската агенција за одбранбена и безбедносна соработка наведува дека барањето на Хрватска, покрај хеликоптери, вклучува и широк список на оружје и дополнителна опрема, како и обука на летачки и технички персонал.
Хрватска во моментов има четири хеликоптери УХ-60M за воздушен транспорт, осум хеликоптери Бел 206 Џет Ренџер за обука и 15 борбени извидувачки хеликоптери OХ-58Д Кајова Вориор за борбено извидување и противоклопна борба.