Наши приказни нè носат во Стење, на брегот на Преспанското Езеро – таму каде што некогаш животот течеше полека, а времето се мереше во излегувањето и враќањето на чамците. Денес, сликата е поинаква. Празни улици, затворени капии и сè помалку гласови што одекнуваат меѓу планините.
Ова е сведоштвото на Ванчо Василевски, жител на Стење, кој со жалење и неизбежна тага зборува за светот што полека се гаси.
„Тешко е… нема луѓе, нема дечиња, нема радост“
„Сега е тежок животот,“ вели Ванчо. „Нема луѓе, нема дечиња, нема радост. Секој седи дома, ќе си подработи нешто што има за работа и така. Тешко е.“
Стење некогаш беше полно со младост. Но денес – децата заминуваат, семејствата се селат, а со нив исчезнува и иднината.
Школото, некогаш осмолетка со многу ученици, денес брои само три деца. Наредната година ќе остане едно – и училиштето ќе се затвори.
Село без егзистенција
Ванчо раскажува дека во селото има фабрика со околу стотина вработени. Тоа воглавном работат луѓето од Стење, а дел од нив се занимаваат и со рибарство, денес останале едвај дваесетина рибари.
„Овде нема егзистенција,“ додава тој. „Само пензија, и тоа што ќе се најде да се работи.“
Ванчо зад себе има богат живот: работел како угостител во хотел „Европа“ во Отешево, бил рибар, а со години превезувал луѓе до островот Голем Град. Секогаш со тивка истрајност и без жалба.
„Овде беше Хаваи“ – приказната за исчезнатата плажа
Најголемата болка се спомените за некогашната плажа на Стење – една од најубавите на Преспа.
„Порано беше чисто… сè беше стакло. Само песок, златна песок, ништо немаше. Водата беше до хотелот,“ раскажува.
Местото сите го знаеле како „Хаваи“. Детски смеа, туристи, живот. Во 2015 година плажата беше исчистена, уредена, со шанкови, кафулиња, лизгалки, детски игралишта – вистинско летно прибежиште.
Но денес, поради климатските промени и повлекувањето на водата, плажата повторно е запуштена. Природата се менува, а со неа исчезнува и дел од некогашната убавина.
Стење – меѓу убавината и празнината
Стење и понатаму има уникатни природни услови: езеро, две планини, планински ветер, мир. Туристи доаѓаат во лето, но не како порано.
Жителите се малку – околу сто. И секоја година бројката опаѓа.
Во приказната на Ванчо е испишана подлабока вистина – дека Преспа, со сета своја убавина, полека останува без луѓе. Животот се повлекува, како и водата.
Но додека постојат луѓе како него, кои се сеќаваат, раскажуваат и чуваат, приказната на Стење нема да исчезне.