Собранието го изгласа новото задолжување од 260 милиони евра, со 65 гласа „за“ и 14 „против“, со што државата доби зелено светло да земе заем кај осум странски банки. Формално, законот е усвоен за општи буџетски потреби, капитални расходи и рефинансирање обврски. Политички, пак, гласањето ја отвори истата стара расправа: кој колку се задолжувал, кој оставил поголеми обврски и кој денес има право да зборува за јавниот долг.
Во таа собраниска врева, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски рече дека е „во цивилизациски шок“ од критиките на опозицијата за новото задолжување. Според него, опозицијата прашувала за што ќе се користат парите, но заборавала дека треба да се исплатат 350 милиони евра за еврообврзницата од 2020 година.
Но граѓаните не живеат во цивилизациски шок. Тие живеат во економска реалност во која секој нов кредит значи нова обврска за буџетот, а буџетот го полнат истите луѓе што плаќаат ДДВ, акцизи, придонеси, даноци и повисоки цени. За нив расправата не е кој прв почнал да се задолжува, туку зошто секоја власт, кога ќе дојде на ред, го претвора долгот во нужно зло и го објаснува со гревовите на претходната.
Заемот ќе се повлече во една транша. Рокот на отплата е седум години, со грејс-период од три години, а отплатата ќе оди на девет еднакви полугодишни рати. Каматата е варијабилна – шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за 2,1 процентен поен. Дополнително, државата ќе плати еднократна провизија од 1,4 проценти од износот на заемот и по 12.500 евра годишно на агентот на заемодавачите.
Токму овие детали се суштината на приказната. Задолжувањето не е само гласање во Собрание и не е само уште една дневна политичка кавга. Тоа е финансиска одлука што ќе се враќа во следните години, со камата чија цена зависи од движењето на европските каматни стапки. Државата денес зема 260 милиони евра, но конечната сметка ќе биде повисока, а таа разлика нема да ја платат партиските штабови, туку јавната каса.
Опозицијата тврдеше дека нема доволна транспарентност и дека не се знае прецизно за што ќе се потрошат новите 260 милиони евра. Од власта, пак, одговараат дека средствата се потребни за буџетски потреби, зголемени плати и пензии, капитални инвестиции и рефинансирање на постојни обврски.
Тоа е јадрото на проблемот. Ако парите се за капитални инвестиции, јавноста мора да знае кои. Ако се за плати и пензии, тогаш Владата мора да признае дека тековните обврски се покриваат со нов долг. Ако се за отплата на стари задолжувања, тогаш граѓаните имаат право да знаат дали државата само го префрла товарот од еден рок во друг, без да ја намали должничката зависност.
Во Собранието повторно се слушаа списоци: кој земал еврообврзница, кој земал кредит, кој оставил долг, кој сега мора да плаќа. Тоа е најудобната политичка техника во Македонија – секоја власт се задолжува со образложение дека наследила проблем, а секоја опозиција критикува како никогаш да не управувала со истата каса. Во меѓувреме, јавниот долг продолжува да биде сметка што ја плаќаат граѓаните, без разлика кој го држи микрофонот.
Затоа „цивилизацискиот шок“ на Стојаноски е погрешно поставена дијагноза. Шокот не е во тоа што опозицијата критикува задолжување. Шокот е во тоа што во Македонија задолжувањето стана нормален политички рефлекс. Кога недостигаат пари, се бара кредит. Кога се бара кредит, се вели дека условите се добри. Кога ќе дојде време за отплата, се обвинува претходната власт.
Ако државата се задолжува за развој, тогаш развојот мора да биде видлив: патишта, железници, енергетски капацитети, болници, училишта, јавен превоз, инфраструктура што создава вредност. Ако се задолжува за ликвидност и тековно преживување на буџетот, тогаш тоа мора чесно да се каже. Најлошата варијанта е долгот да се продава како инвестиција, а да заврши како крпење на систем што постојано троши повеќе отколку што може да издржи.
Новиот заем од 260 милиони евра не може да се одвои од пошироката слика на државните финансии. Унгарскиот кредит, британската рамка и ова задолжување не се три изолирани настани, туку знаци на политика што сè повеќе се потпира на надворешни пари. Тоа само по себе не е спорно ако постои јасен план, јавна контрола и мерлив резултат. Спорно е ако секој нов долг се правда со старата формула: мораме, поволно е, претходните се виновни.
Граѓаните немаат потреба од цивилизациски шок во Собранието. Имаат потреба од цивилизирана отчетност. Од јасен список на расходи. Од точен план за трошење. Од јавна контрола. Од одговор на прашањето што точно ќе добијат за 260 милиони евра, колку ќе платат повеќе и кој ќе одговара ако парите повторно исчезнат во буџетската магла.
